Винарството во Македонија има долга вековна традиција. По течението на реката Вардар од Велес кон Гевгелија, од двете страни се нижат лозови насади и винарии. Тиквешијата е најголемо виногорје на Балканот и опфаќа рамнина и ридести терени помеѓу Велес на север и Демир Капија на југ. Негово средиште се Кавадарци и Неготино како најголеми производители на едни од најврвните вина во светот од познатите сорти каберне, гаме, мерло, пино ноар, вранец, прокупец, ризлинг, шардоне, совињон, жилавка и смедеревка.
Под влијание на сонцето, почвата, медитеранската клима од југ, континенталните ветрови од север и планинската клима, се создаваат мошне погодни услови за одгледување на високо квалитетно грозје. Плантажите со над 10.000 хектари лозја се лоцирани на 110-150 м надморска височина. Бербата почнува во почетокот на септември, а завршува во средината на октомври кога гроздовите се најбогати. Во таа чест, во Кавадарци се одржува „Тиквешки гроздобер“, манифестација проследена со богати културни настани, саеми на вино и карневали. Освен точените вина и ракија, на посетителите им се нудат јадења и слатка приготвени со грозје и гроздов сок, шира и вино.
Многубројните ископини на археолошките локалитети во овој крај сведочат дека уште од времето на Римската Империја и античката Македонија лозарството било примарна гранка на населението, а во чест на богот на виното Дионис се одржувале веселби. Цар Самуил го негувал култот кон виното, а за време на турските освојувања постои легенда за султанот Мурат Трети, кој кога го пробал тиквешкото вино, рекол: „Овој пијалак седум болести лекува“.
Виното се користело за пиење, во обичаите и животот на семејствата, па дури и во градбата на куќите. Главни центри биле манастирите каде се правело најубавото вино кое е дел од христијанските црковни обреди како симбол на Христовата крв. Интересен е и обичајот на верскиот празник св. Трифун кога се врши ритуално закројување на виновата лоза за да биде годината родна.
Чаша добро вино е чаша полна здравје. Бројните народни преданија, совети и рецепти виното го препорачуваат како лек доколку се консумира умерено. За виното со мирис и вкус на југот се испеани најубавите македонски песни. Посетете ја Тиквешијата, откријте ги тајните на винската приказна за ароматичните македонски вина, почувствувајте го духот на поднебјето и чудесната опојна моќ на овој благороден пијалак во кој е вткаена сета љубов, умешност и традиција на винските мајстори.