Додека солзите течат…

Додека солзите течат...

На 29 јули, само неколку дена по одбележувањето на 55-годишнината од скопскиот катастрофален земјотрес, и само неколку дена пред најголемиот македонски празник Илинден, ние, хрватските Македонци, се соочивме со еден драматичен губиток! Имено, по тешко (релативно кратко) боледување, почина големиот музичар, филантроп, поет и не само искрен, туку и незаменлив пријател на Македонија и македонскиот народ, Оливер Драгојевиќ!

Македонија се поклонува на овој човек, шансониер, поет, софистициран пијанист… кој во својата кариера која траеше подолго од 50 години, секогаш ја поддржувал Македонија и македонскиот народ во сите сегменти… Заминувањето на Оливер претставува за нас Македонците од дијаспората во Хрватска не само губиток на драг пријател, туку и императив да ја задржиме и негуваме меморијата и сеќавањето на оваа колосална личност која веќе денеска претставува парадигма на вистински културен и уметнички мост меѓу пријателските народи и држави, Македонија и Хрватска.

Генерации Македонци израснаа со неговите хитови, а често беше гостин и во повеќе градови во Македонија каде редовно одржуваше концерти.

Заедницата на Македонците во Република Хрватска изразува длабоко жалење за загубата на ненадминливиот „морски волк“ и изразува искрено сочувство до семејството.

Почивај во мир, драг наш Оливер!

Comments are closed.