Од Крапа до Змејовица

Од Крапа до Змејовица

  

  

Убавите планински села низ Македонија ќе го привлечат секој љубител на природата. Селото Крапа e едно од нив. Се наоѓа во областа Порече, во источниот дел на територијата на Општина Македонски Брод, стиснато во пазувите помеѓу двата планински крака од планината Даутица. На надморска височина од 1.020 м и со мошне голем атар кој зафаќа простор од 44,4 км2, до него се доаѓа по патот кој се двои од регионалниот пат за Прилеп, во непосредна близина на историското с. Барбарас.

  

Интересен и несекојдневен предел, вистински предизвик за туристи и планинари. Раскошното зеленило, бујната живописна вегетација и брзите кристално бистри води на Крапска Река овој предел го прават идеален за одмор од секојдневието. Археолошкиот локалитет – некропола од римско време, трите цркви и Крапскиот манастир за секој посетител се неповторливо возвишено чувство. За оние пак, со авантуристички дух, тука е пештерата Змејовица.

  

Змејовица се наоѓа на највисокиот дел на западната падина на планината Даутица, веднаш над селото Крапа, на надморска височина од 1.410 м, помеѓу манастирот Зрзе на југ и врвот Мовнатец на исток. До неа се стигнува само одејќи пеш. Иако се наоѓа на тревно и непошумено место, тешко е забележлива бидејќи претставува пропаст при што нејзиниот отвор е дупка во земјата обрасната со трева.

  

Пештерата е од исклучително важно научно и археолошко значење. Долга е 68 м и има облик на голема сала која е висока 15 м и широка 11 м. Непосредно на влезот, преку мал ходник се отвора и една помала сала, висока 3 м и широка 4 м, од која се отвора тесен и непрооден ходник кон југоисток. Од источниот ѕид на главната сала се отвораат 4 ходници од кои 2 во источен и 2 во југоисточен правец, кои најверојатно се спојуваат во голема сала на околу 15 м длабочина. Змејовица сè уште не е комплетно истражена.

  

Мештаните велат дека пештерските кладенци со вода се многу обилни и лековити. Лечењето е сигурно со доаѓање на Дуовден или на Илинден. Според една легенда, во пештерата некогаш живеел змеј. Тој еднаш грабнал девојка од селото и ја однел во пештерата да живее со него. Таму ја држел цели три години, кога бил убиен со вода во која грабнатата девојка, по совет на својата мајка, турила сол. Зашто солта значела смрт за змејот. Кога умрел змејот се скаменил, но ја скаменил и девојката. А камењата во пештерата навистина личат на змеј и на девојка.

  

Хармонијата на природата импресионира и остава без здив. Кој еднаш ќе ја почувствува убавината на овој крај, ќе ѝ каже до видување до следната средба.

  

  

Comments are closed.