Пелистер е првиот национален парк во Македонија, прогласен во 1948 г. како заштитено природно богатство. Името Пелистер го носи највисокиот врв на Баба Планина, а често се користи како име за самата планина и како синоним за градот Битола. Се простира во југозападниот дел на површина од 17.150 ха и на надморска височина од 927-2.601 м. Од Битола е оддалечен 15 км, а од Охрид 65 км. Карактеристичен е по големиот број врвови над 2.000 м, меѓу себе раздвоени со длабоки долини.
Заштитен знак на паркот е моликата, специфичен вид на петоигличест бел бор (според една легенда, оттаму доаѓа и името на Пелистер, „пет лисје“ или „петлистер“). Овој балкански ендем расте само на неколку планини на Балканот, додека на големи шумски површини го има само на Пелистер. Може да нарасне до 25 м височина и да достигне старост до 150 години. По својата убавина надалеку се познати моликовите шишарки. Кога се отворени, тие на врвот имаат светло златно-кафена, а кон внатрешноста темно-кафена боја со различни нијанси.
Националниот парк изобилува со интересни геолошки феномени и необични формации. Највпечатливи се камените реки. Тоа се всушност натрупани карпи од гранит и кварц настанати во глацијалниот период, кои со текот на времето низ долготрајни и сложени природни процеси полека се лизгале надолу и создале теченија. Лизгањето се одвивало со замрзнувањето и одмрзнувањето на карпите кога на највисоките врвови владеела снежна зима. Камените реки се најизразени на северната страна на локалитетот Црвени Стени и над месноста Копанки. На некои места тие сочинуваат низа со ширина до 300 м и должина дури и до 3 км.
Од природните убавини во високопланинските предели на Пелистер присутна е уште една уникатна појава. Тоа се камените мориња – маркантни периглацијални релјефни форми што се создале со дробење на карпите од мразот, само што истите не се лизгале, туку останале на своето место и создале огромни простори од камења и карпи со различен облик и големина, хаотично растурени и испревртени, заради што наликуваат на море. Едно вакво море има на планинскиот гребен на североисточната страна од врвот Пелистер, во правец на врвот Стив. Дива и чудесна убавина која ќе ве маѓепса на прв поглед.





















