Ако некогаш сте се нашле таму, каде што небото и земјата се допираат, сонцето милува и ветрот шепоти, каде чистиот воздух и опојниот мирис ги полнат градите, а панорамскиот поглед остава без здив, каде во секое годишно време ве пречекува живописен колорит, а чувството на слобода и доживувањето се неограничени, тоа значи дека сте во Македонија – во царството на планините.
Македонија има најголем број планини во однос на својата површина, не само во Европа, туку и пошироко. Се издвојуваат околу 40 планини и планински масиви на 25.713 км2 или по една на околу 700 км2. Од тој број 13 се повисоки од 2.000 м, 22 се средно високи, а 4 се ниски (под 1.000 м), вкупно со околу 250 покарактеристични врвови, од кои стотина се повисоки од 2.000 м. Петте планински структури чија височина e над 2.500 м се: Кораб (Голем Кораб, 2.753), Шар Планина (Турчин, 2.748), Баба (Пелистер, 2.601), Јакупица (Солунска Глава, 2.540) и Ниџе (Кајмакчалан, 2.520). Ако се „наредат“ сите планини една врз друга, нивната заедничка височина би достигнала колосални 68 км, а само оние над 2.000 м заедно би биле високи речиси 31 км.
Надморската височина на Македонија просечно изнесува 832 м, па според тоа, се вбројува меѓу „највисоките“ држави во Европа. Планината Кораб е петта по височина на Балканот. Осоговскиот планински масив е втор по површина во Македонија, веднаш зад масивот Јакупица, и е највисок во нејзиниот источен дел, со врвот Руен висок 2.252 м. При многу ведро време и чиста атмосфера, од врвот Љуботен на Шар Планина, Солунска Глава на Јакупица, Пелистер на Баба, па дури и од Лисец на Плачковица, можат да се видат места оддалечени и до 300 км.
Просечната наклонетост на релјефот во Македонија е 13,8 степени, што е исто така една од највисоките вредности за Европа. Тоа е поради честата смена на бројни планини, котлини и долини кои обично имаат доста стрмни падини и страни. Најголем просечен наклон (над 70 степени) имаат скоро вертикалните падини на Јакупица јужно од Солунска Глава, познати како Нежиловски Карпи, а Кораб, Шар Планина и Пелистер како најстрмни планини се вистински предизвик за алпинистите.
Планинското доживување во Македонија ќе ја истакне вашата авантуристичка и истражувачка страна, но во исто време ќе ве смири со својата дивина и тишина. Бидете во хармонија со планините и уживајте во природата што го нуди овој рај.



















