Прошетката низ природните убавини на Македонија не би била целосна ако не се посети Бислимската Клисура. Оваа живописна карстна оаза е лоцирана во североисточниот планински регион на само 5 км од градот Куманово и се протега во должина од 7 км помеѓу ридот Краста од западната и ридот Голиќ од источната страна, по течението на реката Пчиња.
Божествена красота во која помеѓу жуборењето на водите одекнува црцорењето на птиците, а видикот го исполнуваат необичните релјефни предели кои восхитуваат со творештвото на природата. Благодарение на умерено-континенталната клима, таа обилува со ендемски видови на растителен и животински свет (мршојадци, орли, соколи), со варовнички карпи, огромни отсеци, природни прозорци, пропасти и со десетина пештери (Студен Пештер, Лишков Пештер), интересни за научниците и авантуристите.
Според истражувањата, областа била населена уште од античко време. Денес има четири села: Доброшане, Биљановце, Пчиња и Орашац. Во народот овој простор се нарекува „Бислим“, што асоцира на каменлив и мистериозен простор каде ретко кој поминува. Името најверојатно потекнува од средновековното село кое се простирало во средишниот дел од Клисурата, а кое се раселило кон крајот на 16. или 17. век, за време на турското владеење.
Кај локалното население присутни се и бројни легенди поврзани со постанокот на селата, нивната историја, но и со самата Бислимска Клисура. Се верува дека некои пештери се проколнати и дека на посетителот ќе му се случи нешто страшно доколку влезе во внатрешноста. Исто така, познато е верувањето дека во некои пештери има закопано богатство и оној што ќе го открие или земе, ќе го снајде лоша судбина.
Излетнички, селски, ловен и риболовен туризам, спортско качување и алпинизам, параглајдерство, кајакарство и други екстремни спортови се само дел од можностите за развој на туризмот во овој крај. За посетителите се поставени информативно-туристички мапи, пешачка патека, видиковец, летниковец и ограда. Има и неколку цркви и манастири коишто потекнуваат од пост-византискиот и преродбеничкиот период. Многуте културно-историски, етнолошки и археолошки содржини нудат идеално место за одмор и богата и разновидна рекреација.
























