Штрковите, тие прекрасни птици преселници, предвесници се на пролетта и секогаш во исто време, по прелетани илјадници километри од јужната Земјина полутопка, се враќаат да свијат гнездо. Нивните огромни јата го красат небото над Македонија, најавувајќи го будењето на природата по студените зимски месеци.
Со враќањето на птиците се враќа и живоста во руралните средини. Впечатлив е летот на белите штркови, кои со широко раширени крилја над покривите на куќите и високите дрвја ги бараат гнездата што ги оставиле. Штракањето со клуновите го изразува задоволството од успешноста на потрагата, дека повторно ќе одгледаат ново потомство.
Отсекогаш постоела поврзаност меѓу луѓето и штрковите. Кај народот е омилена птица за која има многу легенди, басни и поговорки, а се верува дека ги носи пролетта и среќата. Народното верување вели дека штрковите носат живот. Оттаму и преданијата дека штркот ги носи бебињата, а „Силјан штркот“ е приказна која и ден-денес се раскажува.
Во Македонија најповеќе е застапен белиот и многу малку црниот штрк. Се гнездат на подрачја каде што има богат жив свет како извор за нивна исхрана, а со тоа покажуваат дека таму има здрав живот. Се хранат со риби, жаби, инсекти, црви, мали птици и цицачи. Имаат крупно тело, долги нозе и врат, долг, цврст клун и големи крилја кои достигнуваат распон и до 3,2 м. Комуницираат со штракање на клунот. Кон средината на август, тие повторно заминуваат на својот далечен пат на југ во Африка, каде што презимуваат.
Во општината Чешиново-Облешево помеѓу Кочани и Штип, штркот одамна нашол рај за престој и живот. Водата и оризовите површини на овие птици им нуди изобилство од храна и материјал за изградба на гнездата, а луѓето имаат пријателски однос и љубов кон нив. Најголемото гнездо со висина од 3,2 м има материјал од 5-7 тони и се наоѓа на покривот на Задружниот дом во Чешиново. Во 2013 г. Чешиново-Облешево беше прогласено за „Европско село на белиот штрк“. За заштита на штрковите во овој регион е направен еко-етно парк со поставени набљудувачници за птици, во средината на јуни се слави „Денот на белиот штрк“, а штркот е вгнезден и на грбот на општината.
Белите штркови се симбол на среќа и радост. Според истражувањата во 2016 г., во Македонија има 833 активни штркови гнезда. Освен во Чешиново-Облешево, ги има во Кочанската котлина, во селата Жиганци, Соколарци и Уларци, во Струмица, во Делчево и по Брегалничкиот Слив, во селото Стојаково, општина Богданци, во котлината Пелагонија и селата Боротино, Гнеотино и Кривогаштани, во Катлановско Блато, на Тиквешко Езеро, во Преспа и селото Асамати, во Охрид и селото Белчишта и на многу други места, а првата станица во Македонија на овие преубави птици е локалитетот Ѓол во Гевгелиското Поле.

























