Шармот на Скочивирската Клисура

Шармот на Скочивирската Клисура

  

  

Најдолгата клисура во Македонија е Скочивирската Клисура. Низ неа минува Црна Река. Таа е тесна клисура, делумно кањонска и полна со брзаци. Во должина од 100-тина км, се протега низ Мариово почнувајќи од с. Скочивир во југоисточниот дел на котлината Пелагонија, па сѐ до с. Возарци во Тиквешката Котлина.

  

Првиот дел на клисурата ја твори преградата меѓу Пелагониската и Мариовската Котлина, каде што долинските страни се високи и над 900 м. Вториот дел ја опфаќа широката висорамнина на Мариовската Котлина и се протега на височина од 700-800 м. Третиот дел е од утоката на реката Блашица до с. Возарци и тој дел ја одделува Мариовската Котлина од Тиквешијата.

  

Најатрактивниот дел на клисурата се наоѓа меѓу утоките на Бела Река и Коњарка. Овде Црна Река формирала повеќе вирови, бразди и слапови високи и до 3 м. Нејзините притоки пред устието изградиле повеќе водопади од кои најтипичен и најубав е Брничкиот водопад. Низводно од устието на Галишка Река, Скочивирската клисура е засечена во варовници, поради што се јавува карстен релјеф со повеќе пештери и пропасти.

  

Своето име клисурата го добила по селото Скочивир што се наоѓа на левиот брег на Црна Река, во западниот дел на Мариово, источно од Битола. Името на селото Скочивир пак, се претпоставува дека е изведено од зборовите „скокни вир“ или „скочи вир“. Имено, во близина на селото било проширено речното корито на Црна Река и вистински проблем било како да се прескокне вирот за да се стигне до селото или обратно.

  

Мариово и Тиквеш низ кои минува Скочивирската Клисура се национални подрачја со биолошко значење. Мариово нема формална законска заштита, но Тиквеш е подрачје под заштита како строг природен резерват. Заштитеното подрачје се наоѓа во Тиквешката Котлина, во кањонот на Скочивирската Клисура, по течението на Црна Река, околу 10 км југозападно од градот Кавадарци. Скочивирската Клисура е особено богата со биодиверзитет за групи како птици, инсекти, влечуги и растенија.

  

Бесценетото природно богатство на оваа област е мошне привлечно за посетителите и авантуристите, а долината на Црна Река е атрактивна за археолозите, дивите копачи, рударите. Посетете ја, ќе се соочите со длабока клисура обвиена со гранитни карпи во кои се слуша ехото на природата и говорот на водата. Претпазливо потскокнувајте од карпа на карпа, дишете чист воздух, дозволите да ве опие мирисот на цветовите, едноставно уживајте во прекрасниот шарм на амбиентот.

  

  

Comments are closed.