Македонското Памук Кале

Македонското Памук Кале

  

Во Македонија има над 160 езера. Од нив по природен пат се настанати повеќе од 50, а другите претставуваат вештачки акумулации. Прилепскиот регион, пак, изобилува со подземни води од кои често се создаваат езерца. Така настанале езерата кај Плетвар, кај Мермерниот прилепски комбинат и неколку близу Прилеп. Карактеристично за овие езера е тоа што нивните извори не се постојани и водата често се повлекува, особено во зима.

  

Има и едно сосема уникатно езеро. На 12 км источно од градот Прилеп, по долината на реката Раец, на северните падини на планината Дрен, се наоѓа селото Беловодица, а во негова непосредна близина, на местото на некогашниот рудник за мермер, се формирало Мермерното Езеро или „македонското Памук Кале“, како многумина го нарекуваат.

  

На локацијата се вршело ископ на мермер сѐ додека при ископот се стигнало до извор на подземна вода која го запрела процесот. Неколку години потоа никој не го посетувал напуштениот рудник и не се контролирала количината и нивото на водата што извирала, па така се создало Мермерното Езеро.

  

На тоа место денес, опколено со бел мермер и зеленило, блеска езерце со прекрасна тиркизно сина боја и претставува вистински рај за очи. Мошне тешко е достапно, до него се стигнува само со теренско возило по регионалниот пат во должина од 5 км, или пеш за околу половина час. Но, за љубителите на природата тоа не е пречка за да уживаат во оваа неверојатна убавина и контраст на бои.

  

Локалитетот се наоѓа на западната страна од планината со што при залезот на сонцето мермерот добива интензивна бела боја, а сенките од засеците добиваат висок интензитет. Парчињата мермер се во форма на коцки распоредени во повеќе нивоа. Висината на еден засек е до 6 м. Езерото е длабоко до 15 м, со температура од 8-22 степени Целзиусови. Теренот е еколошки чист, а водата е хемиски и биолошки исправна. Во длабочината на езерото можат да се забележат мали риби и мов на мермерните блокови.

  

Совршена комбинација на камен, вода и небо! Пејзажот нуди прекрасна глетка, амбиент и подводен свет кој мами да се види. Мирисот на мермерот е пријатен и смирува, а смарагдната вода е кристално чиста. Белилото што мермерот околу езерото го рефлектира, не дозволува температурата да е премногу висока, па затоа ова место е идеално и за посетителите кои сакаат да се сончаат, покрај оние кои се капат во неговите води. Исто така, Мермерното Езеро стана атрактивна дестинација и за снимање на спотови на музички ѕвезди.

  

Comments are closed.