Пандемијата на коронавирусот, за жал, ја спречи реализацијата на активностите на Заедницата на Македонците во РХ и на друштвата со физичка присутност на публиката, но затоа, пак, заживеа нивното виртуелно дружење преку интернет на социјалните мрежи. Така беше и со манифестацијата „Ноќ на книгата“, која годинава на 23 април се одржа по деветти пат во Хрватска, по повод Меѓународниот ден на книгата и авторските права и Денот на хрватската книга. Учество во неа, веќе шеста година по ред, зеде и Заедницата на Македонците во РХ. Во соработка со МКД „Охридски бисер“ од Загреб, на фејсбук страницата на ЗМРХ, се организираше виртуелна книжевна вечер. Под мотото „Запознајте го македонското современо книжевно творештво“, беа претставени ликот и делото на Славко Јаневски, истакнат македонски раскажувач, романописец, поет, филмски сценарист, есеист и сликар. Темата на вечерта носеше наслов „Славко Јаневски – татко на современата македонска книжевност“, а ја водеше Лидија Бариќ.
Повеќе за тоа прочитајте во “Македонски глас” бр. 124.











