Еден од најубавите планински масиви во средишниот дел на Македонија е масивот Јакупица или Мокра. Тој се состои од повеќе планински целини, меѓу кои е и Караџица на северозапад. Пределот изобилува со многу природни реткости, како што се единствените постојани две глацијални езера, Големо и Мало Салаковско Езеро. Тие се наоѓаат во месноста Езериња на североисточните делови од Караџица, односно под врвот Убава.
Салаковските Езера се сместени на надморска височина од 2170 м во еден цирк (широка вдлабнатина во форма на амфитеатар), создаден за време на плеистоцената глацијација. Обиколени се со билото Горни Пепељак од северозапад, Убава од југ и Салакова Планина од исток. При проучувањата на езерскиот басен, се утврдило дека во далечното минато двете езера биле споени и претставувале едно големо езеро.
Малото Салаковско Езеро зафаќа површина од 850 м2 со максимална длабочина од 2,5 м, со должина од 40 м и широчина од 31 м. Од него истекува мало поточе кое дотекува до Големото Салаковско Езеро. Големото Салаковско Езеро зафаќа површина од 1340 м2 со максимална длабочина од 1,3 м, со должина од 48 м и широчина од 38 м. Од него истекува Салаковска Река. До езерата може да се дојде од повеќе населени места: Црн Врв од север, Алдинци (планинарски дом Караџица) од североисток, Тажево и Белица (Порече) од југозапад и Патишка Река од северозапад.
Постојат неколку народни преданија за Салаковските Езера. Се верува дека во езерата живее силен ѕвер. Во големото езеро над водата се издигнува гранитна карпа и тука често се јавувал ѕверот за да види бел свет. Штом ќе видел некој човек, тој се фрлал во водата толку силно, што целата вода се заматувала. Според едно друго предание, пак, се верува дека водата од езерата е поврзана со реката Треска преку силен воден вртеж. Откривањето на таа тајна се припишува на еден овчар кој ги пасел овците крај езерата. Еднаш, како што седел на карпата покрај езерото, кавалот му паднал во водата и се изгубил. Кавалот пропаднал до дното на езерото и по подземниот премин излегол на изворите на Треска. Жената на овчарот која излегла на реката да пере алишта го пронашла кавалот. Така тие ја дознале поврзаноста меѓу езерата и реката Треска.
Сините очи на Караџица како да им намигнуваат на планинарите што ќе ги одберат за своја дестинација. Колаж на раскошна зелена природа, величествена тишина, освежителен воздух и уникатна планинска арома за незаборавно авантуристичко доживување.