Лесновските воденички пештери

Лесновските воденички пештери

  

  

Лесново е едно од најстарите села во Македонија. Се наоѓа во североисточниот дел на 15 км од градот Пробиштип, на југозападната страна од Осоговскиот масив, на надморска височина од 890 м. Селото е единствено по тоа што лежи во средината на јасно сочуван фосилен вулкански кратер – Лесновски кратер и е на истата локација повеќе од илјада години. За староста на Лесново зборуваат бројните сочувани траги како што се пештерските цркви и монашките пештерски испосници.

  

Името на селото потекнува од зборот „лес“, што значи шума. Лесновската река тече низ селото и го дели него и кратерот на два еднакви дела. Убавата природа со специфична флора и фауна, пријатната клима со многу сонце во сите годишни времиња, бистрите планински води, атрактивниот изглед на високите ридови, а особено планинскиот воздух кој спаѓа во најчистите во југоисточна Европа, го прават престојот во Лесново посебен.

  

Релјефот е последица на силна вулканска активност во Кратовско-злетовската вулканска област. Лесновскиот кратер претставува вистинско ремек дело на природата. Се споредува со вулканот Етна, па многумина го нарекуваат македонска Етна. Со неговата исклучителна реткост како еден од најсочуваните и најкарактеристични кратери на Балканот, прогласен е за споменик на природата и се наоѓа на списокот на геолошки раритети. Кратерот го опкружуваат ридови кои формираат природен амфитеатар, од кои најдоминантен што се издига над селото е Илински врв (1127 м).

  

Во непосредна близина на селото, од двете страни на клисурестиот дел на Лесновската река, во месноста Коларско во Лесновскиот кратер сместени се Лесновските пештери. Тие настанале од човечка рака со повеќевековното вадење и изработка на надалеку познатите лесновски воденички камења, што во минатото претставувало важно занимање на жителите на селото. Со обработка на стените создадени се пештерски ходници, вртачи и насипи со неверојатен изглед.

  

До 80-тите години на минатиот век, во овие пештери се изработувале квалитетни камени плочи и воденички камења од тврдите вулкански карпи т.н. игнимбрити, кои ги нема никаде на друго место во светот, на толку голема површина и во толку голема маса. Секоја од пештерите била сопственост на една фамилија. За време на средновековниот период, вештите лесновски камењари годишно изработувале над 2000 парчиња воденички камења кои биле многу барани и употребувани низ целиот Балкан.

  

Прошетката по изградените патеки и мостови, каде што се наоѓаат пештерската црква „Св. Богородица“ и манастирскиот комплекс „Св. Гаврил Лесновски“ е спој на природна и духовна убавина и претставува несекојдневно доживување за туристите.

  

  

Comments are closed.