Тетово е град во северозападна Македонија, сместен под живописната Шар Планина, во долниот дел на Полошката котлина. Според една легенда, името на градот е врзано со еден необичен настан од времето на турското ропство. Во непосредна близина на градот, меѓу два рида, живеела голема змија од која сите се плашеле. Само јунакот Тето, наоружан со лак и стрела, и со меч и штит, качен на својот коњ ја предизвикал ѕверката. Змијата разлутена го нападнала, но Тето замавнал со мечот и ја убил. Луѓето биле ослободени од стравот, а преминот меѓу двата рида бил лесно прооден. Во сеќавање на Тето, останало името Тетово.
Градот има своја тврдина – Тетовското кале, Хисар кале или Балтепе. Ова значајно археолошко наоѓалиште се наоѓа на врвот на Балтепе, веднаш над Тетово, на 2 км од градскиот центар. Сместено е на помала карпеста височинка со стрмни страни што се издига над десниот брег на реката Пена. На врвот има зарамнето плато наведнато кон југ, со форма на триаголник, целото опфатено со траса на темели од одбранбен бедем. Градителите ја предвиделе стратешката позиција за да се контролира поголемиот дел од Полошката котлина.
Овој културен објект има ретка убавина од минатото. Самото наоѓалиште претставува утврдена градска населба на надморска височина од околу 800 м, со висина од околу 300 м и со површина од 108.000 м2. Изградено е од големи камени блокови. Содржината е комплексна, внатрешниот дел има 5 сараи, големи кујни, бањи и бунар на средина. На високите ѕидови широки и до 4 м имало кули, има остатоци од подземен затвор и 3 тунели кои водат до Тетово, селото Лавце и реката Пена.
Најстарите траги на населеност, односно остатоци од ѕидовите на тврдината се големите блокови од бигор кои потекнуваат уште од 4-3 век пред н.е. Се претпоставува дека врз темелите на овие ѕидови подоцна, во доцноантичкото време биле подигнати нови ѕидови. Тврдината била обновена во средниот век и подоцна во турскиот период во 1820 г. со видно влијание на османската архитектура.
Со проектот за заштита на културното наследство на Балтепе во изминатиот период се преземени реставраторски зафати за санација на оштетувањата. Во истражувањата се пронајдени многу остатоци од неолитот, античкиот и ранохристијанскиот период. Откриени се фрагменти од керамички садови, монети, како и бројни предмети карактеристични за Османлиското време.
Во склоп на Балтепе се наоѓа манастирската црква „Св. Атанасиј“. Ова место отсекогаш било значајно духовно собиралиште на жителите од тетовскиот крај. И секако, туристичка атракција со најубава глетка на градот Тетово.

























