Уникатна и живописна убавина имаат единствените две урниски езера во Македонија, Моклишко (Ваташко) и Требенишко (Бобано) Езеро. Езерата се настанати по природен пат со свлекување (урнис-одрон) на огромни количини земја под влијание на различни физичко-географски фактори.
Моклишко Езеро е сместено во Тиквешијата, во близина на месноста Моклиште, 3 км јужно од с. Ваташа, Кавадарци. Едно е од најмладите хидрографски објекти во Европа и е несекојдневен пример за урниско езеро, настанато со уривање на една од долинските страни на реката Луда Мара.
На 5 септември 1956 г. наутро, додека се вршело меринизација на овците од Задругата „Возарци“ во месноста на ридот Градот, при тектонско поместување на земјиштето, се одронил огромен комплекс на земјишна маса со камења, при што бил затрупан и покриен простор во должина од 1000 м и ширина 400 м. На одредени места натрупаната земја достигнувала и до 100 м длабочина.
При оваа катастрофа се поместила земјишна маса од околу 20 милиони тони. Со уривање на ридот е направена природна преграда или брана висока 30-50 м во долината на реката Луда Мара и непосредно потоа просторот е исполнет со вода. Така, природата само за неколку минути ја изградила браната на езерото. Во текот на ова случување се затрупани стадо овци со нивните пастири.
На езерото доаѓаат повеќе видови водни птици што ја прелетуваат Македонија. Меѓу нив најзначајни се лебедите и уште поретките црни лебеди. Има и светски ретки птици што се заштитени со закон и претставуваат значајна алка во целокупниот биодиверзитет: црвен ибис, бела мала чапја, чапја лажичарка, мал корморан и други.
* * *
Требенишко Езеро е најмладото природно езеро во Македонија. Се наоѓа во непосредна близина на с. Требеништа, општина Дебарца, Охридско, во долината на Требенишка Река, на 754 м надморска височина. Езерото е настанато во 1963 г. во пролетниот период, како последица на лизгање на земјиштето од ридот Габер и преградување на речната долина на Требенишка Река. Како последица на тоа преградување, дел од долината на оваа река се исполнил со вода, при што настанало езерото.
Езерото се протега во правец исток-запад, долго е 250 м, широко 85 м, а длабоко до 5 м. Поради својата убава околина со ридови обраснати со зимзелена и листопадна шума е многу привлечно. Лесно е достапно, а се користи за напојување на стока и за рекреативен риболов. Благодарение на порибувањето, во езерото има различни видови риби како што се крап, клен, јагула, црна мрена, плашица и други.


























