Тиквешко Езеро

Тиквешко Езеро

Македонија нема море или океан, но има многу прекрасни природни и вештачки езера кои ќе ве остават без здив. Тиквешкото Езеро е најголемо, најдлабоко и најмистично вештачко езеро. Се наоѓа во кањонот на Црна Река на надморска височина од 165 м и е оддалечено 12 км југозападно од Кавадарци и 3 км јужно од с. Возарци.

Езерото датира од 1968 г., а настанато е со преградување на кањонот и со изградба на брана висока 105 м. Се протега во правец север-југ и има конусна форма, со површина од 14 км2, должина од 28 км, ширина од 500 м и најголема длабочина од 105 м. Ова е едно од најтоплите подрачја во Македонија. Температурата на езерската вода во лето досегнува 24°C, па е привлечно за капачи и љубители на спортови на вода. Мештаните велат дека водата е и лековита, има висок процент на јод и богата е со алги.

Природата околу езерото е прекрасна и ќе ве освои. Варовничко-геолошката положба на крајбрежјето придонесува за присутноста на пештери, пропасти и јами. Бреговите на езерото се накитени со шуми, природни реткости, археолошки наоѓалишта, манастири и споменици на култура.

Езерото има три трајни острови. Најголемиот се вика Градиште, зафаќа површина од 2,3 ха и не е населен. Покриен е со густа шума, а има и остатоци од некогашни градби, по кои е наречен. Другите две се мали островчиња близу брегот, со куќи и придружни објекти. Едното е во атарот на с. Брушани, а другото кај одливот на езерото во реката Блаштица.

Оваа област е природен резерват во кој може да се набљудуваат 23 вида птици грабливки, што го прави едно од најважните орнитолошки места во Европа. Тука се сретнуваат разни видови езерски птици: корморан, сива чапја, диви бели галеби, диви шатки и грабливки: сокол, белоглав и брадест орел и други. Езерото, пак, нуди богат фонд на риба: крап, караш, црвеноперка, клен, белвица, мрена, како и еден вид сом. Иако е застапен само со еден вид од своето семејство, сомот се издвојува по своите карактеристики и може да достигне должина над 2 м и тежина преку 100 кг.

Локалните рибари раскажуваат интересни легенди, кои се пренесуваат со генерации меѓу населението, дека во Тиквешкото Езеро имало огромни риби кои голтале цели чамци заедно со луѓето во нив. Се верува дека сомовите што живеат во езерото се многу стари и големи, и дека најголемиот е колку кит. Тие се заштитен знак на езерото. Вистина или не, необични риби на дното на езерото во поново време имаат забележано и нуркачки експедиции. Можеби и вие ќе имате среќа да видите некој од овие џиновски сомови.

Comments are closed.