Зелениот рај на Теово

Зелениот рај на Теово

Селата се богатство во Македонија. Секое од нив има своја приказна, поинаква убавина. Теово е рамничарско село сместено на надморска височина од 260 м во источниот дел на областа Азот, во средното сливно подрачје на реката Бабуна, на нејзината лева страна. Оддалечено е 20 км југозападно од општинското средиште Чашка и 30 км од градот Велес, на еден од краците на патот Виа Игнација. Низ селото проаѓа железничката пруга Велес-Битола.

Според некои археолошки истражувања, Теово било населено уште од византискиот период. За тоа сведочат многуте надгробни споменици и гробови расфрлани во и околу селото. Во пишаните историски записи од 1335 г. за првпат се споменува пустото селиште Техово (од грчкото име Теохар или Техо што значи „божја благодат“).

Мештаните тврдат дека селото порано се наоѓало на 2 км југозападно од денешното. Народното предание раскажува дека на возвишувањето Марково Кале (789 м) кое се наоѓа западно од селото, постоела кула на Крали Марко и остатоци од ѕидини на црква. Тука избивал силниот и единствен теовски извор „Бела Чешма“.

Куќите во Теово се од збиен тип, на секој род се блиску една до друга и на куп, па деловите од селото се викаат по родовите: Кировци, Плевењци, Каличовци и Калајџиовци. Од 850 жители колку што имало во 1900 година, поради големата миграција денес селото брои помалку од 200. Има две цркви, главната селска црква „Св. Атанасиј“ и манастирската црква „Св. Архангел Михаил“ во Теовскиот манастир.

Од земјоделските култури најмногу се одгледуваат жито, пченица, грав, тутун и компири, а од сточарството најзастапено е одгледувањето на овци и кози, и производството на млеко и млечни производи. Селото е познато по своето сирење кое се прави со билки, теовскиот компир и по прекрасните зелени предели околу реката Бабуна.

Она на што се посебно горди мештаните е јаворовото дрво на сретсело. Се претпоставува дека јаворот е стар над 500 години, дека е насаден во 15. век, односно во 1478 година. Една легенда вели дека јаворот го насадил Теос, првиот доселеник во селото. Така, од млада фиданка, дрвото израснало во вистински џин со дебелина од 10-тина и висина од 40-тина метри. За селаните јаворот е средиште на сите случувања. Покрај него, на местото на некогашниот бунар, се наоѓа фонтана.

Ако сте во потрага по селски, манастирски и планински туризам, ридски велосипедизам, лов и риболов, чист воздух и здрава традиционална храна, посетете го зелениот рај на Теово, уживајте во неговата неверојатна убавина и понесете прекрасни спомени.

Comments are closed.