Шар Планина е една од најголемите и највисоките планински масиви во Македонија. Се протега во северозападниот дел на Македонија во правец североисток-запад-југозапад во должина од 76 км. Обилува со вода, има 27 планински езера и огромен број на извори. Најатрактивни се изворите на Камењанска Река која се наоѓа југозападно од Тетово, поминува низ селото Камењане и се разводнува низ полето, а при висок водостој се влева во реката Вардар.
Камењане е село во Општина Боговиње, оддалечено од Тетово само 7 км, сместено во рамнината на котлината Полог, на самото подножје на Шар Планина, а поројната Камењанска Река го дели на два дела. Легендата вели дека во дамнешното минато при едно големо надоаѓање на поројната река, селото било сосем збришано и останало под камењата што ги донела поројната вода, па оттаму местото го добило името Камењане (место со камења).
Камењанска Река има 8 извори кои се наоѓаат на надморска височина од 2100 м, а целата широчина на извориштето изнесува 28 м. На кратка должина од 1,5 км низ густата букова шума, реката има голем надолжен пад со бројни брзаци и водопади, градејќи кратка, но атрактивна клисура. Камењанските Водопади се ретко убав природен феномен. Тие имаат тектонско (раседно) потекло. Необични се и атрактивни затоа што ги има во толку голем број на толку мал простор. Сите 8 водопади се различни според висината и ширината. Седмиот водопад е највисок, околу 12,5 м, а според многумина, последниот е најубав.
Од селото Камењане до првиот водопад има околу половина час пешачење и потоа обележана патека води до секој водопад. Непосредно пред првиот водопад има стара воденица каде што мештаните на селото го мелеле житото. Убави се во секое годишно време, а особено во пролет кога се топи снегот на планината и кога имаат најмногу вода. Местото е уредено со многу дрвени скали и мостови, клупи, маси и видиковци, има прекрасни глетки и скриени места добро вклопени во природниот амбиент.
Камењанските Водопади се туристичка атракција за вљубениците во природата, авантуристите и планинарите. Секој водопад плени со своја убавина. Студената и кристално чиста вода освежува, а гласниот жубор одмара. За разгледување се потребни околу 2 часа, но восхитени од природната убавина, сигурно ќе останете многу подолго.






















