Неверојатни природни убавини, идеални за пикник викенд на чист воздух, се кријат на само 15 км од главниот град на Македонија. Во северниот дел од Скопската котлина помеѓу реките Вардар и Лепенец, североисточно од Скопје во приградската зона на општината Ѓорче Петров, на надморска височина од 560 м, вгнездено е малото ридско село Кучково.
Атарот на селото зафаќа површина од 23 км2. Првите жители биле доселеници, овчари номади и се занимавале со земјоделие и сточарство. Некогаш Кучково имало над 250 куќи, но подоцна почнало да се раселува. Денес брои само 30-тина жители, но во последно време изградени се бројни викендички и животот полека се враќа.
Околината е богата со високи ридови, зелени ливади и бујна вегетација, густа борова и дабова шума и чешми со студена, питка изворска вода. Местото изобилува со природни реткости, мали манастирски цркви, археолошко наоѓалиште „Голема Кула“ и етно село со ресторанот „Златно Буре“, кои може да се посетат. Уредено е со патокази за рекреативни пешачки и велосипедски патеки, летниковци и клупи.
Кучково е познато по снимањето на популарната македонска ТВ серија „Волшебното самарче“ во 1975 г. Познато е и по „Крстот“ над селото, излетничко место на надморска височина од околу 700 м, од кое се протега прекрасен панорамски поглед на Скопје од западната страна, каде што на пролет се организира локалниот собир „Ден на Крстот“. Рај за очи е и Кучковскиот водопад, кој се наоѓа во кањонот во месноста Клисурица, на 4 км од „Крстот“ или околу час и половина пешачење. Висок е околу 4 м, а водата која извира од карпите 200 м над водопадот, потоа и понира.
За секое македонско село има преданија и легенди, а мештаните за ова место раскажуваат неколку. За варовничката карпа „Девојачки камен“ се верува дека поседува чудотворна моќ. Се гребнува од каменот, правот се меша со кучковска вода и тој напиток помагал младите мајки да добијат млеко за доење, а младите девојки набргу да се омажат. Некои девојки пак, на карпата оставале црвен конец и палеле свеќи.
Под карпата во долот има два извора со лековита вода која лекува очни болести и слаб вид. Изворите се нарекуваат „Миочи“ (миј очи), а местото „Коњска нога“, зашто таму наводно поминал Крале Марко со неговиот коњ Шарец кој направил дупка со копитото како патоказ за светата вода. Од таа дупка извира лековитата вода со која се замиваат болните за здравје.
Истражете ги обичаите и природните благодати на Кучково. Ако патот ве нанесе токму таму, загарантиран е убав провод и желба за повторна посета.