Пештерите претставуваат безвременска природна убавина скриена под земјата. Една легенда вели дека некогаш одамна земјата почнала да плаче. Дали од жал или од радост, не се знае. Од нејзините солзи се создавале пештерите. А во Македонија има многу пештери – мали и големи, истражени и таинствени, убави, богати, достапни и скриени… На 30-тина километри југозападно од Скопје, на источната падина на Сува Планина (која е од варовник и со изразит карстен рељеф, па изобилува со дупки, вртачи, јами и пештери), во близината на селото Патишка Река се скрила убавата Бозгунова Пештера.
Пештерата е голема и доста интересна со повеќе видови украси. Позната е и како Шпела Бозгуни. Сместена е веднаш над патот пред самиот почеток на селото. Патеката во должина од околу 1,5 км започнува од викендичките пред влезот на Патишка Река и за само 30-40 минути се стигнува до големата и величествена Бозгунова Пештера. Отворот на пештерата се наоѓа на надморска височина од 1150 м. Таа е прва пештера на просторот помеѓу кањонот Матка и долината на Маркова Река, чии истражувања се објавени во научната и стручна литература уште во 1928 година.
Влезниот дел на пештерата е голем и широк е околу 9,5 м. Првата сала е широка 13 м и долга 25 м, а подот е покриен со глина, разурнати карпи и напласти. Потоа, преку еден отсек од 3 м, се влегува во главната сала на пештерата, која е широка до 25 м и долга 37 м. По страните има прекрасни напласти и завеси со жолтеникава боја. Во средината има разурнати блокови од кои повеќето се покриени со корка од бигор. Блоковите личат како една купа која е висока 19 м. На самиот врв има еден сталактит со облик на човек. Во долниот дел на купата, наслагите образуваат разни животински ликови како на лав, волк и други. Од овој дел преку еден канал долг 12 м се навлегува во третата сала која е широка 10 м и долга 20 м. Таванот и ѕидовите се доста напукнати. Поради големината на пештерата, која според првите истражувања е со вкупна должина од 82 м, во неа живеат лилјаци и поголеми птици како бувови и соколи.
Зборот „бозгун“ доаѓа од турскиот јазик со значење на пораз, пропаст, уништување, смрт. За Бозгуновата Пештера постои легенда која вели дека за време на турското отоманско освојување, сето население од Патишка Река се скрило во пештерата за да се засолни од турскиот аскер. Кога поминувала турската војска едно магаре пред пештерата почнало да реве. Тоа непријателот го забележал и дошле пред пештерата и кога ги виделе бегалците внатре, сите ги убиле. По овој настан од минатото пештерата го добила името.