Вруток

Вруток

Кога во исто време и на исто место се спојат убавата природа и авантуризмот, историјата и архитектурата, традицијата и вкусната пастрмка, делот од мозаикот се вклопува и се добива името Вруток. Вруток е типично ридско село во северозападниот дел на Македонија, сместено на 7 км од градот Гостивар, на крајниот југозападен дел од Полошката Котлина во подножјето на Шар Планина, на надморска височина до 755 м.

Поради поволната географска местоположба, густите листопадни шуми, плодното обработливо земјиште и големите количества на високо квалитетна изворска питка вода, Вруток е старо село кое за првпат се спомнува во 1300 година. Селото од збиен тип, поделено на седум маала, било познато по многуте чешми: Вардарска, Кладенец, Долномаалска, Селска Чешма, Чешмиште и други.

Вруток е современо рурално место со огромен потенцијал за еколошки туризам. Во 2015 година направена е пешачка патека од близу 10 км долж течението на Вардар, од Градскиот парк во Гостивар до Вруток. Патеката е осветлена, со одморалишта, видиковец и информативни табли.

Дел од легендите и преданијата за ова место се поврзани со крстот во средновековниот манастир „Св. Мина“, со камењата кои личат на баба и старец, со каменот кој личи на невеста и други. Во селото може да се посети и црквата „Св. Архангел Михаил“, а во негова непосредна близина се наоѓаат археолошките локалитети „Бигор“, „Лазови“ и „Селиште“.

Местото е познато и по изворот на најголемата и најдолгата македонска река Вардар, по истоимената хидроцентрала, петте рибници и рибните ресторани. Првиот рибник во селото бил изграден во 1962 година. Во Вруток за прв пат е создадена златната пастрмка, а потоа и сребрената пастрмка.

Името Вруток е добиено по самиот карстен извор на Вардар и значи врело, односно извор. Водата која извира на 683 м надморска височина е ладна и кристално чиста, со издашност од 1,5 м3/сек. ХЕЦ „Вруток“ со 165,6 МW инсталирана моќност е најголемата акумулациона хидроцентрала со годишно производство од 350 GWh електрична енергија.

Природните услови и одгледувањето на риба овозможиле во Вруток да се отворат повеќе угостителски објекти во етно стил кои привлекуваат сѐ повеќе посетители и туристи. Нивното гостопримство, домашните кулинарски специјалитети, прекрасно уредената околина и силниот изворски жубор го прават Вруток идеална дестинација за одмор и семејна рекреација.

Comments are closed.