Радовиш, симпатично мало гратче во југоисточниот дел од Македонија, крие во себе мистична убавина што тивко го освојува секој што ќе зачекори на неговите улици. Неговиот шарм е во пејзажите, историјата, луѓето и животот што пулсираат на секој агол. Седиште е на Општината Радовиш и втор по големина во регионот. Сместен во подножјето на планината Плачковица го зафаќа северозападниот дел од пространата Струмичко-радовишка Котлина. Се простира на површина од околу 4 км², на надморската височина од 380 м. Од соседните градови Штип и Струмица оддалечен е 30-тина км.
В зори, кога сонцето се издига над Плачковица, градот оживува со звуците на природата додека мирисот на свежина се меша со утринската роса, а пределот се обојува со топли тонови. На север му е Плачковица, на југ планината Смрдешник, на северозапад се наоѓа ридестиот дел на областа Јуруклук или Дамјанско Поле, а на југоисток се протега рамнината на Радовишка Река. Градот е богат е со извори на питка вода и минерални води. Радовишка или Стара Река и помалите Сушица и Марлада поминуваат низ него и во проѕирните води со себе носат шепоти од минатото. Под влијание на умерено средоземно-континентална клима изобилува со дабова, букова и четинарска шума, и е идеално место за рекреативен и спортски, ловен и риболовен, рурален и археолошки туризам.
Легендата вели дека средновековната кнегиња од словенско потекло, Рада, живеела во тврдината над градот, чиишто урнатини сè уште постојат. Кога непријателска војска ја нападнала тврдината со цел да ја освои, гардата го забележала нападот и викнале по Рада: ,,Радооо, виш, Радо, виш“. Така градот го добил името Радовиш.
Централниот дел на градот е како жив музеј. Старите куќи и улици раскажуваат за времињата кога бил значаен регионален културен, рударски и трговско-занаетчиски центар, кој за првпат се споменува во 1019 г. во Грамотата на византискиот цар Василиј II. Соборната црква „Св. Троица“ во Радовиш е една од најубавите, најбогатите и најукрасените автентични православни цркви на Балканот. Градот е познат и по чаршијата, Стариот мост, „Етнолошкиот музеј“, „Крстот над Радовиш“, по тутунот, текстилната и фармацевтската индустрија и рудникот за бакарна руда „Бучим“, но и по срдечноста и гостопримливоста на мештаните.
А кулинарството е уште еден бисер што вреди да се спомене. Самун, татлија, нишпиде, саздрма, баклава, алва, кадинки, к’цана сол од афионово семе, маџуни и ашуре се само дел од автохтоните специјалитети што ја прават посебна радовишката кујна и привлекуваат најголемо внимание кај посетителите.























