Пешти – камената приказна на Бабуна

Пешти – камената приказна на Бабуна

Во централното подрачје на Македонија, на јужниот излез од градот Велес, само 5 км пред реката Бабуна да ги прегрне водите на Вардар, се протега една тивка, но моќна убавина – Клисурата Пешти. Позната е по високите карпи, водопадите и густите шуми. Се наоѓа во заштитениот предел на Бабуна. Нејзината форма е во вид на инка, горе е широка 50 м, а долу е тесна 5 м. Висока е 200 м, а долга само 430 м, но сосема доволно за природата да остави потпис што трае илјадници години.

Клисурата Пешти е место каде што историјата е запишана во самиот камен. Името го добила по стотината пештери што ја красат врежани во нејзините стрмни варовнички карпи. Во нив се пронајдени фосилни остатоци од цицачи стари меѓу 70.000 и 10.000 години п.н.е., како и камено орудие што сведочи за живот од доцниот палеолит.

Некои од попознатите се Макаровец на десната страна на реката, Маркова (Св. Никола), која има зачувани остатоци од ранохристијанска црква, Понор и Четири Врати. Пештерите кријат уникатни форми на сталактити и сталагмити, а петте пештерни цркви од средината на 14 век и фрескописите во нив се реткост на Балканот. Легендата вели дека во минатото, овие пештери биле прибежиште за монаси-аскети кои се повлекувале од светот во потрага по внатрешен мир.

Пешти е позната и како орнитолошки локалитет каде што живеат ретки птици грабливки. Над клисурата порано летал и белоглавиот орел, симбол на величественоста и слободата, како небески чувар на ова подрачје. Повеќе го нема, но сенката на неговото присуство сè уште се чувствува кога ќе се погледне нагоре кон карпите што како ѕидови стојат над реката.

Поради извонредната чистота на водата, во Бабуна има повеќе видови риби – пастрмка, плашица и речни ракови. Низ Пешти речните вирови се доста посетени и од капачи преку летниот период. Клисурата е сè повеќе препознаена како потенцијал за спелеолошки и археолошки истражувања, рекреативен туризам, алпинизам и риболов. Реката Бабуна со својата кристално чиста вода, висечките мостови и патеките што минуваат покрај неа нудат видиковци со поглед што одзема здив, а спокојот што царува меѓу карпите е како повик за враќање кон природата, кон себе.

Мала клисура со голема историја – место каде што каменот зборува, а Бабуна со своето жуборење ја раскажува приказната меѓу минатото и сегашноста. Клисурата Пешти е сведок на времето, тивка, мистична и вечна. Во неа, природата не само што создала убавина, туку ја оставила и својата меморија закопана длабоко во карпите, достапна само на оние што умеат да слушаат.

Comments are closed.