Во срцето на источна Македонија, во југозападниот дел на Осоговските Планини во општината Пробиштип, на 10-тина км североисточно од селото Злетово, меѓу селата Шталковица и Ратковица покрај долината на Шталковичка Река, на надморска височина до 1250 м се наоѓа локалитетот Раткова Скала – величествена карпеста убавина, како извајана од раката на времето.
До местото се доаѓа по 3 км асфалтен пат од селото Злетово до селото Турско Рударе, потоа уште 4 км по добар макадамски пат до селото Шталковица и уште околу 3 км кон селото Ратковица по малку полош макадамски пат. Локалитетот се одликува со стрмни сиви карпи кои стојат исправено и горделиво, како неми стражари над долината, обликувани од вековната борба меѓу каменот и водата.
Долината на реката е со изглед на кањон. Нејзините карпести страни се формирани со бавното ерозивно дејство на Шталковичка Река низ постојаниот кварцен карпест материјал. Со вертикалното продирање на реката низ кварцот, се создаваат атрактивни стрмни, речиси вертикални „скали“ или терасесто карпести отсеци високи и до 400 м, од каде што доаѓа името Раткова Скала.
Легендата, пак, вели дека во многуте пештери имало орлови гнезда, а во некои имало и пчели. Мештаните раскажувале дека местото го добило името по некој Ратко кој често се качувал во пештерите да вади мед. Тие го предупредувале да не јаде многу мед, за да не му се слоши. Му викале: – Јади, јади Ратко, додека ти е слатко! Еднаш се прејал, па му се слошило и паднал во провалијата од височина од околу 300 м. По него останало името Раткова Скала.
Подрачјето е со уникатна геоморфологија. Има повеќе мали водопади и брзаци, сипари, мориња од карпи, скаменети лави, прекрасни видици, густа и богата вегетација со автохтони, ендемични видови, разновидни животни, птици, водоземци и влечуги, што го прави интересно за посетителите. Поради сите овие вредности, разновидниот екосистем и високиот потенцијал за промоција на одржлив рурален туризам, Раткова Скала е прогласена за заштитено подрачје како споменик на природата.
Раткова Скала зрачи со дива убавина и недопрена тишина каде шумата шепоти легенди, а реката под карпите ја раскажува историјата на пределот. Тоа е пејзаж на контрасти – суров и поетски, строг и раскошен во исто време, место каде што природата ја покажува својата моќ и својата нежност во еден ист здив.

























