Атрактивните Пехчевски водопади

Атрактивните Пехчевски водопади

На крајниот исток од Македонија, во областа Малешевија, се наоѓа малата, но живописна Општина Пехчево и нејзиниот главен административен центар, гратчето Пехчево. Овој најисточен македонски град е распослан на двата брега од Пехчевската река, под падините на планината Влаина, на 1000 м надморска височина и е втор највисок македонски град. Опколен е со големи и длабоки борови шуми, студени потоци и чист планински воздух.

Пехчево е град со богата и бурна историја. За името има неколку народни преданија. На местото на денешниот град некогаш се наоѓало трло со бачило на сточарот Пејчин (Пејчо). Мештаните местото го викале „Пејчина колиба“, од што со текот на времето произлегло името Пехчево. Друго предание вели дека во римско време, во подножјето на планината Буковик, се ископувала железна руда. Садовите и печките (пешчи) во кои се топела рудата го дале денешното име.

На 10 км југоисточно од Пехчево, кај изворот на реката Брегалница се наоѓа туристичкото место Равна Река. Тука се Пехчевските Водопади, неколку поголеми и бројни каскади на реката и нејзините притоки. Местото има уредени пешачки патеки, дрвени мовчиња, летниковци, клупи за одмор, спортски терени и рибници. Прв е Спиковскиот Водопад на Спиковска Река, со височина од 8 м, а потоа следува Црнодолскиот на истоимената река (5 м). Скокото е трет водопад на реката Брегалница (7 м) и има големо количество вода. Водопадот на Љутачка Река е четврти по ред (10 м). Петтиот поголем водопад е Ж’тачкиот на истоимениот поток, кој со своите 14 м е и највисок.

Пехчево е познато по зимскиот туризам, бујните шуми и атрактивните водопади. И по бројните легенди и преданија. Во нив овој предел се опишува како дом на шумски самовили, а инспирира и современи дела, како што се приказните за самовилското коњче. Една легенда вели дека во близина на Пехчево се наоѓаат темелите на средновековниот книжевен центар Равен, каде што светите браќа Кирил и Методиј ја создале глаголицата.

Планината Буковик е срцето на Пехчево. Таа чува приказни од антички времиња до денес. Легендата раскажува дека во пазувите на Буковик постојат затрупани римски тунели. Во нив робовите копале железо за римската војска. Постојат приказни за ајдучки дружини кои го криеле своето богатство во пештерите на планината. Кај врвот Орловец, пак, се наоѓа специфична природна карпа позната како Вртена Скала. Се верува дека карпата има скриени тајни и моќ да чисти од негативна енергија и болести.

Спојот на богатата флора и фауна, природните убавини, археолошките наоѓалишта, традицијата, занаетчиството и домашните стари локални специјалитети, пехчевскиот крај го прави примамлива дестинација која привлекува сѐ повеќе посетители.

Podijelite ovu objavu:

Comments are closed.