Длабока Река – оаза на буковите шуми

Длабока Река – оаза на буковите шуми

Постојат многу предели во Македонија каде што природата ја покажува својата најчиста и најдива страна. Еден од нив е Длабока Река, хипнотизирачка убавина сместена во пазувите на величествената планина Кораб, каде што природата го пишува својот најубав ракопис. Скриена е во западниот дел на Македонија, во Националниот парк „Маврово“, како лева притока на Рибничка Река. Извира под високите врвови на Кораб и го пробива својот пат низ стрмните карпи и густите вековни букови шуми, образувајќи стрмна долина која претставува единствено место со алпска клима во Македонија. Тука времето не брза. Воздухот мириса на диви билки, а тишината ја прекинуваат само шумот на лисјата и жуборот на водата.

Буковите девствени шуми во долината на Длабока Река во 2021 година се прогласени за заштитено светско природно наследство од страна на УНЕСКО поради нивната недопреност од човекот во последните 100 години, како дел од целината „Букови прашуми на Карпатите и други региони на Европа“. Високите стебла, испреплетени со папрати, мов и шумски цвеќиња, создаваат природна оаза во која сончевите зраци срамежливо се пробиваат низ крошните. Тоа е и живеалиште на бројни ретки растителни и животински видови, меѓу кои мечката, дивокозата, рисот, златниот орел и многу ендемични растенија.

Длабока Река ја красат три кањони и Корапскиот Водопад, највисок во Македонија и на Балканот, кој се јавува под врвот Мал Кораб. Со височина од околу 136 м, тој претставува вистински природен спектакл. Водата се спушта по стрмната карпа како бел свилен превез, создавајќи звук што истовремено смирува и восхитува. Најимпресивен е во пролет и почетокот на летото, кога снеговите од Кораб се топат и му ја даваат сета негова сила и раскош. Планинарските патеки што водат низ недопрената природа до водопадот ја чуваат планината од заборавот. Секој чекор открива нов поглед кон Кораб – највисоката планина во Македонија, чиј врв Голем Кораб, со своите 2764 м надморска височина гордо се издига под облаците.

За името на планината постојат многу легенди, а една од нив раскажува дека кога било сѐ потопено на Земјата, Ноевата арка пловејќи по водата удирала во високите делови од планинскиот венец и ги кршела, но не успеала да го раздроби највисокиот врв и тука се задржала, па врвот го добил името Голем Кораб.

Длабока Река како еден од најпрашумските екосистеми во Европа претставува симбол на македонската природна ризница која треба да се чува и да се почитува чувството дека природата сè уште е господар на овој простор.

Podijelite ovu objavu:
Pratite rad Zajednice Makedonaca:
  Pratite nas na Facebooku

Comments are closed.