Кпитални книжевни дела на јазикот на Шекспир во Загреб
Со два централни настани на 30 март 2012 година беше одбележан јубилејот од воспоставувањето на дипломатските односи меѓу Македонија и Хрватска. Во хрватската Национална универзитетска библиотека беа доделени 130 тома од македонската книжевност на англиски јазик, а во „Ватрослав Лисински“ беше одржан впечатлив концерт со врвниот македонски пијанист од светски ранг, Симон Трпчески.
За Хрватите, но и за Македонците кои ги проследија овие настани беше вистинско доживување да се биде дел од програмата со кој се прослави јубилејот. Вредната донација од 130 тома од македонската книжевност преведена на англиски јазик, јазикот на Шекспир, се најде во трезорот на светското книжевното богатство на НУБ во Загреб.
„Го промовираме проектот кој е резултат на заложбите на политичката, стручната и научната јавност во афирмацијата на македонската книжевност, македонската култура и особено на македонскиот творечки јазик со сите негови изразни вредности“, посочи министерката Елизабета Канческа-Милевска при донирањето на книгите. Според неа, со овој проект се сочувува нашиот идентитет и на македонскиот народ му се обезбедува достоинствено место во светските цивилизациски достигнувања. Во едицијата се застапени дела од сите жанрови и сите геренации на македонски творци кои сведочат за македонските дострели на литературната и националната мисла.
Програмата во загрепската библиотека ја збогати и настапот на пејачката група „Езерки“ и музичарите од „7/8“, кои со изведбата на македонски песни пленија бурни аплаузи од присутните.
Поддршка на министерката Милевска за македонската дијаспора
Претставници на македонската заедница предводени од претседателот на ЗМРХ, Ангел Митревски, остварија средба со министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска во рамките на нејзината посета на Хрватска.
– Промоцијата на оваа едиција дојде како круна на културната соработка на двата пријателски народа, изјави Ангел Митревски, претседател на ЗМРХ.
Македонската министерка беше запозната со дел од активностите на Заедницата на Македонците во Хрватска, на што таа изрази огромно задоволство, но исто така, понуди и помош во реализирањето на идните проекти за македонската дијаспора. Претставниците на Заедницата добија ветување од министерката дека таа лично ќе се заложи за набавување на филмови за манифестацијата „Денови на македонскиот филм“ во Хрватска, нагледни материјали за училиштата на македонски јазик во Хрватска, како и обезбедување на ликовни дела кои би биле претставени во хрватските градови каде има македонски културни друштва.

Овации за магичниот Трпчески
Вечерта на 30 март се бараше влезница повеќе пред загрепската концертна сала „Вастрослав Лисински“ за да се присуствува на концертот на извонредниот македонски пијанист со светско реноме, Симон Трпчески. Повод за одржувањето на концертот беше одбележувањето на јубилејната 20-годишнина од воспоставувањето дипломатски односи меѓу Македонија и Хрватска, а Трпчески заедно со Загрепската филхармонија под диригентската палка на хрватскиот маестро Иван Репушиќ, ја воодушеви публиката со изведбата на „2. Концерт за пијано и оркестар во г-мол“ од Камиј Сен Санс.
Дополнителни овации предизвика балканското премиерно исполнување на првиот став од музичката композиција „Концерт за пијано и оркестар“ – „Фантазија на две фолкорни теми“ од македонскиот инструменталист и композитор Дамир Имери, претставувајќи го нашиот фолклор низ современа обработка на македонските народни песни „Не си го продавај Кољо чифликот“ и „Засвирил Стојан“. Ова прекрасно дело Имери, кој исто така беше присутен на концертот, му го посвети на Трпчески инспириран од неговата пијанистичка перфекција и постигнатиот светски успех, а премиерно беше изведено во Ставангер во Норвешка на 19 јануари годинава.
Магичниот Трпчески, како и самиот концерт беше насловен, едноставно брилјираше. Со виртуозното музицирање уште еднаш го потврди својот фантастичен уметнички талент, за што беше награден од публиката со громогласно аплаудирање. На бис ги изведе делата „Играорна фантазија“ од Кочо Петровски и „Германски танц“ од Шуберт, предизвикувајќи уште поеуфорична атмосфера кај восхитената публика.
Концертот го следеа и министерката за култура на РМ, Елизабета Канческа-Милевска, која беше во својата прва официјална посета на Хрватска, амбасадорот на РМ во РХ, Данчо Марковски, претседателот на Заедницата на Македонците во РХ, Ангел Митревски и многу други. По концертот, во клубот „Матис“ во Хрватската матица на иселеници беше приреден коктел, каде гостите ја продолжија вечерта во пријатно дружење. Во таа пригода, претседателот Митревски и врачи на министерката Канческа-Милевска неколку книги од издаваштвото на Заедницата, како и примероци од списанието „Македонски глас“. Се разговараше и за интензивирање на заедничка соработка во рамките на промовирањето на македонската култура во Хрватска.















