Промоција: Сјајот на скршениот кристал блесна и во Скопје

Промоција: Сјајот на скршениот кристал блесна и во Скопје

 

 

 

 

 

Сјајот на скршениот кристал блесна и во Скопје

Најновото дело на поетесата Елизабета Петровска беше промовирано во Скопје, а настанот покрај рецензиите за книгата, беше проследен со музичка изведба и рецитал

Лирските чувства, копнежи, пораки, интимните доживувања и разочарувања, поетесата Елизабета Петровска на први март годинава ги сподели со своите најблиски пријатели, роднини и соработници во Скопје на нејзината промоција на втората стихозбирка „Сјајот на скршениот кристал“. На ова пријатно случување во Младинскиот културен центар, посетителите не само што имаа можност да уживаат во стиховите на оваа наша сонародничка со македонско потекло, туку нејзините чувства прикажани низ стиховите можеа да ги надополнат и со прекрасната музичка придружба на виолина на Симона Пејовска.

 – Соочен со проблемите за опстанок, човекот се оддалечи од духовниот живот, ги потисна емоциите и не размислува за поезијата. А поезијата не е ништо друго туку обид да се ослободат човековата душа и срце, неговата сензибилност, емотивност и искреност, посочи авторката Петровска.

Според неа, не случајно се вели дека „сè што е убаво во животот е поезија“. Таа нè облагородува, ни влева сила и моќ да ја согледаме и убавата страна на животот. Оптимистичкиот дух што се наѕира и кај најпесимистичките стихови е тој што раѓа надеж за подобро утре. Токму тоа, вели Петровска, го симболизира и сјајот на скршениот кристал. Колку повеќе се крши, кристалот испушта сè поголем сјај – волшебен блесок кој ја претскажува нашата посветла иднина, победата на доброто над злото, на радоста над тагата.

„Има ли повозвишено нешто од идејата дека поезијата како молња може да ги спои разделените нешта? Ако е така, поезијата е копнеж, а ниеден копнеж не оди без крик. На таа висока филозофија нè учи поетесата Елизабета Петровска, на еден префинет поетски и човечки начин“, забележува во својата рецензија проф. Славчо Ковилоски.

Според рецензентот проф. д-р Венко Андоновски, Елизабета Петровска станува и веќе е препознатлив модерен поет, чија поезија е како мал космос на интимата и како мелем за сите рани. „Зар треба да им се спротивставиме на сите овие искажани мислења за песните исполнети со традиција и љубов, но и за тага и осама, за светот како место за лага и измама, но и за светот како место исполнето со надеж и среќа? Секако дека не. И уште повеќе, треба да го потенцираме поетскиот збор кој како бисери се нанижал еден до друг на македонски и на хрватски јазик.“

Покровител на промоцијата беше Агенцијата за иселеништво на РМ.

Извор: “Македонски глас” бр. 75.

Comments are closed.