Дали знаете дека во Македонија има над 800 пештери и јами, од кои ни половината не се регистрирани и истражени?
Една од најпознатите, која припаѓа во категоријата на пештери природни реткости, е спелеолошката убавица Алилица. Таа се наоѓа на околу 3,5 км. источно од селото Тресонче кај Дебар, во долината на Тресонечката река, на северозападната страна на планината Бистра, во прекрасната природа на националниот парк Маврово, обвиткана со густа листопадна шума меѓу мијачките села Галичник и Лазарополе. Овој пештерски комплекс го сочинуваат два отвора – Долна и Горна Алилица, кои меѓусебно се поврзани со вертикален и кос канал, а вкупната должина на пештерските канали изнесува 590 м. Влезот во пештерата е тесен, вертикален канал длабок повеќе од 20 м., вистински предизвик за спелеолозите, но само на неколку чекори понатаму, пред вас ќе се отвори голема пештерска галерија.
Алилица, која важи за една од најубавите пештери во Македонија, во својата утроба крие импресивна карстна уметност со прекрасни гео-морфолошки облици, наречени пештерски накит. Таму ќе ве дочекаат безвременските сталактити, сталагмити, сливови, корали, шупливи висулци и секакви необични облици, а сето тоа во еден амбиент кој е збогатен со високи водопади и подземни бистри, проѕирни езерца. Пред неколку години спелеолозите во пештерата пронашле и скаменети коски од предисториски мечки. Иако во внатрешноста на пештерата е многу студено и темно, а тишината ја нарушува силниот татнеж на водата, за оние кои уживаат во истражувањата на подземниот свет, ова е едно возбудливо доживување и незаборавна авантура.
Постојат и неколку преданија за потеклото на името на пештерата. Според најпознатото, тоа потекнува од времето на Османлиското царство. Си бил некој Алил Паша, кој еден ден се враќал од собирање арач по мијачките села, но во близина на пештерата го нападнале арамии, па тој собраното злато го сокрил во пештерата. Според некои кажувања, Алил подоцна се вратил и си го земал, а според други, златото е сè уште сокриено некаде длабоко во пештерата…
Македонија обилува со многу убавини. Само треба да имате желба да ги запознаете. А во меѓувреме, уживајте во прекрасните фотографии од ентериерот на пештерата Алилица.
















