Дојранско езеро – споменик на природата

Дојранско езеро - споменик на природата

Најмалото и најтоплото природно котлинско езеро во Македонија, Дојранското езеро, се наоѓа во југоисточниот дел на земјата со силно влијание на медитеранската клима која доаѓа по долината на реката Вардар. Тоа зафаќа површина од 43,1 км2 (27,3 км2 и припаѓаат на Македонија, а 15,8 км2 на Грција), на надморска висина од 148 м, а максималната длабочина му е 10 м. На север езерото е заграденo со Беласица и Боска планина, а покрај западниот брег се наоѓаат двете рибарски населби Стар и Нов Дојран, кои денес сe спојуваат во една урбанистичка целина.

 

 

Дојранското езеро изобилува со богата автохтона флора и фауна. Тоа брои десетина ендемични видови (мекотели, сунѓери, црви, инсекти; риби: сом, белвица, јагула, крап, црвеноперка; птици: корморани, диви гуски, шатки и лиски, фазани). Некои без’рбетници како што се вилинските коњчиња и неколку видови птици, се строго заштитени. Локалните рибари пак, традиционално и единствено во светот, ловат риби користејќи огради од трска наречени “мандри” кои се наоѓаат на места каде расте трска и во кои рибите бегаат од птиците нуркачи. И денес можат да се видат наколните рибарски колиби што ги красат езерските води, па имате чувство дека тука времето запрело чувајќи ја сета посебност и убавина.

 

Езерото го посетуваат и голем број туристи, бидејќи е погодно за пливање, летни спортови, риболов и набљудување на птици. Август е идеално време за одмор во Дојран. Тогаш водата е најтопла и почнуваат да цутат алгите. Од нив испарува јод, што се смета за вистински лек. Дојранчани велат дека комбинацијата на езерските алги и лековитото дејство на калта успешно ги подобрува имунитетот, настинките, астмата, незараснатите рани, реумата, ишијасот…

 

 

Просторот околу езерото бил населен уште во праисторијата, па познати се и неколку легенди за настанувањето на Дојранското езеро. Една од нив вели дека во старите времиња, на просторот каде денес се наоѓа езерото, постоел бунар од кој мештаните полнеле вода, па го затворале со девет катанци. Еден ден по вода заминала најубавата млада девојка од тој крај, девојката по име Дојрана. Покрај бунарот ја чекало момчето кое таа го љубела. Наполнила вода, но занесена од милувањето на момчето, заборавила да го затвори деветтиот катанец. Од бунарот почнала да тече вода која ја преплавила целата котлина.

 

 

Посетете го Дојранското езеро. Неговата вода е топла и чудотворна, природата е питома и хармонична, а и дојранската риба подготвена на традиционален кулинарски дојрански начин нема да ве остави рамнодушни.

Comments are closed.