Мислам дека нема да погрешам ако кажам дека не постои место во Македонија кое нема да ви го одземе здивот со својата природна убавина. Македонија е дом на најчистата природа што душата може да ја најде и на најубавите глетки што окото може да ги види.
Најголемата македонска и еколошки чиста котлина е Пелагонија. Таа е и најважниот земјоделски регион во земјата. Сместена во југозападниот дел на Македонија, ја допира на југ границата со Грција. Големата убавица се протега на површина од околу 4.000 км² и опкружена е со Бушева планина и Баба од запад, Даутица и Бабуна од север и Ниџе и Селечка планина од исток. Низ неа тече Црна река, а климата и е умерено континентална, со топли, суви лета и студени, влажни зими. Била населена уште од праисторијата, а денес има повеќе од 200.000 жители кои се сместени во деветте општини во кои се најголеми градовите Битола и Прилеп.
Колку ни е важна Пелагонија? Многу. Од житните култури, на оваа плодна, хумусна почва се одгледуваат пченицата, јачменот, пченката, овесот и ‘ржот, а од индустриските шеќерната репка, сончогледот, компирот, крмната пченка и прилепскиот тутун, кој е светски познат по својата ароматичност и квалитет. Во повлажните предели се одгледуваат и големи количества на кромид и пиперки. Од овоштарството најзастапено е производството на јаболка, а се негува и лозарството. Застапено е и сточарството со голем број крави и овци, па поради сето тоа, развиена е и прехрамбената индустрија. Од сето речено, не е ни чудно што пелагониската кујна изобилува со многу вкусни локални специјалитети и квалитетно домашно вино.
И културната вредност на Пелагонија е многу богата и разновидна што го потврдуваат и бројните археолошки локалитети, цркви и манастири. Пелагонија е и важен сообраќаен регион. Низ неа поминувал најславниот од сите патишта, римскиот пат Виа Игнација, а неговите остатоци и денес можат да се видат во склопот на археолошкиот локалитет Хераклеја.
Пелагонија вреди да биде посетена. Нејзината убавина ќе ви подари неповторливо туристичко искуство кое засекогаш ќе ви остане во сеќавање.
















