Многумина од нас ова лето ќе одлучат одморот да го поминат дома – во Македонија. Секако, најпосетени дестинации се Охрид, Дојран, Скопје… Но, дали некогаш сте посакале да ја запознаете својата земја малку подобро, за да можете на другите да им раскажувате за нејзините убавини? Македонија изобилува со природна убавина изразена преку бројни планини, котлини, полиња, долини, клисури, пештери, како и извори, реки, водопади, езера и вештачки акумулации. Една од овие убавини е и водопадот Дуф.
Сместен во Националниот парк Маврово, во Долнореканскиот регион и карпестата клисура на Ростушка река, во прекрасната бујна вегетација на планината Дешат и на 40-минутно пешачење од селото Ростуше, се наоѓа водопадот Дуф. Всушност, постојат неколку водопади од кои Дуф е највисокиот. Него го создаваат водите на Голема река и Мала река што се соединуваат на два километра пред водопадот. Бистрата планинска ладна вода се слева од височина од околу 28 метри, па се вбројува во еден од највисоките постојани водопади во Македонија. Длабочината на Дуфскиот кањон досегнува и до 100 метри, а температурата и во најжешките летни периоди ретко се искачува над 20 степени. Мештаните велат дека жените од Ростуше тука во минатото ги переле и белеле свечените алишта, а водите се користеле и за обработка и наводнување, но и за производство на електрична енергија во првата хидроцентрала што била изградена во крајот.
Величествениот поглед на виножитниот водопад, звукот на несопирливата вода што паѓа од градите на природата, завесата од ситните капки што ве освежуваат галејќи ве по кожата, студенилото на карпите и зеленилото над нив низ кое сончевите зраци едвај се пробиваат… до ова вистинско уживање за очите и душата ќе ве одведе еден километар долга патека обележана со патокази, заштитни дрвени огради и мовчиња, клупи, летниковци со „училница“ за настава во природа… Патеката ја уредија Младинското еколошко друштво „Радички бисери“ и општината Ростуше за ова природно богатство да се сочува и да им стане достапно на туристите што ќе се упатат кон неоткриените убавини на нашата татковина.
Барем еднаш во животот треба да го видите и доживеете неповторливиот момент на течењето на нескротливите води на Дуф.















