Ајвар е познат македонски специјалитет од печени пиперки, зрели домати па дури и модри патлиџани, кој секогаш се прави на крајот од летото или на почеток од есента и во многу домаќинства се подготвува и чува преку целата зима.
Класично подготвување на ајвар
Состојки
10 кг црвени меснати пиперки, 1 л зејтин, 1/4 л вински оцет, сол
Подготовка
Пиперките треба да се измијат, добро избришат и да се испечат надвор на шпорет на дрва. Печени се оставаат во поклопен сад за полесно да се лупат. Кога ќе се оладат, се лупат и им се вадат семките и дршките. Се ставаат во мрежеста вреќа или во цедалка за да се исцедат. Следниот ден се мелат во машина за мелење месо и се ставаат во големо и широко тенџере премачкано со малку зејтин. Останатиот зејтин треба добро да се загрее, а потоа со него да се прелијат мелените пиперки и покриени со капак, така да отстојат 15 мин. Потоа тенџерето се става на оган и на висока температура ајварот се пржи со постојано мешање и тоа околу два часа од како ќе почне да врие. Кога е готов, се трга од огнот, се додаваат оцетот и солта и добро се промешува. Врелиот ајвар се сипува во врели, стерилизирани тегли (во рерна 30 мин. на 100 степени). Наполнетите тегли (оставете празен простор од околу 1 см. до врвот на теглата) вратете ги во рерна на 100 степени уште два часа. Кога ќе ги извадите, врз ајварот налејте уште по малку зејтин и теглите веднаш затворете ги со стерилизирани капаци, убаво завиткајте ги во ќебе и оставете ги така преку ноќ да се оладат. Утредента ајварот спремете го на суво и темно место.










