Сутлијаш

Сутлијаш

Сутлијаш е многу вкусен десерт што лесно се подготвува, а сите го сакаат, особено децата. Тој е самиот по себе скоро комплетен оброк, па може да се јаде и како појадок.

Основен рецепт за сутлијаш

Состојки

1 л млеко, 1 шолја вода, 200 гр ориз, 10 лажици шеќер, 2 ванилин шеќера, 1 лажица кора од рендан лимон, мелен цимет

Подготовка

Се става оризот со водата во голем лонец на тивко да се вари со постојано мешање со дрвена лажица. Кога ќе испари водата се додава млекото во повеќе наврати и се продолжува со варење и мешање. При крај, кога оризот ќе го впие млекото и кога ќе почне да се згуснува, се додава шеќерот, ванилиниот шеќер и кората од ренданиот лимон. Сутлијашот не треба да биде многу густ, бидејќи тој и покасно губи течност и се суши. Готовиот сутлијаш се става во адекватни садови и се посипа со мелен цимет.

Сутлијаш со портокали и вишни

Состојки

150 гр ориз, 10 портокали, 300 гр вишни, 200 гр суво грозје, 1/2 лажица густин, шеќер, мелен цимет

Подготовка

Се цеди сокот од портокалите и се ренда малку кора од портокал и во таа течност се варат оризот и шеќерот. Кога е готово, малку се лади и се става сувото грозје. По желба може да се додадат ореви или бадеми. Сутлијашот се става во мали садови да се стегне. Вишните се варат со малку шеќер и густин и со нив се декорира сутлијашот. Од горе се праши со мелен цимет.

Сутлијаш со јагоди

Состојки

за сутлијашот е потребно 3 чаши млеко, 3 чаши вода, 1 чаша ориз, ванилин шеќер, 8 лажици шеќер; за филот е потребно 300 гр свежи јагоди и 200 гр шеќер

Подготовка

Во поголем лонец се става водата и кога ќе зоврие се додава оризот. Се вари со постојано мешање додека водата ќе испари. Потоа постепено се додава млекото со константно мешање додека смесата не се згусне. На крајот се додава шеќерот и ванилин шеќерот. Посебно се ставаат јагодите заедно со шеќерот во сад за варење и смесата се гмечи со рака додека не се изедначи. Потоа садот се става на оган да зоврие и со повремено мешање се вари на тивок оган околу половина час. Филот треба да биде потечен. Се прелива топол фил на ладен сутлијаш.

Сутлијаш со суво грозје

Состојки

200 мл млеко, 100 мл вода, 200 гр ориз, 150 гр шеќер, 1 ванилин шеќер, 100 гр суво грозје, мелен цимет

Подготовка

Се става водата во сад на тивок оган, а потоа се додава измиениот ориз и ванилиниот шеќер и се промешува. Потоа се додава шеќерот, па млекото. Откако оризот ќе се свари, се додава и сувото грозје. Добро се промешува и се трга од огнот. Готовиот сутлијаш се става во чинија за сервирање и се украсува со мелен цимет.

Сутлијаш со чоколадо

Состојки

1 л млеко, 200 гр ориз, 100 гр чоколадо за готвење, 4 ванилин шеќера

Подготовка

Млекото се грее на средна температура и пред да заврие, се трга од огнот и му се додава ванилин шеќер и ориз. Повторно се вари на тивко околу 20 мин. додека не се згусне. Посебно на тивок оган се топи чоколадото за готвење. Сутлијашот се сервира во чинија и се прелива со чоколадото, а потоа се става на ладно да се стегне. Се украсува по желба.

Сутлијаш со јаболка

Состојки

200 гр интегрален ориз, 2 јаболка, кафеав шеќер, морско оревче во прав, мелен цимет

Подготовка

Ова е посна варијанта на сутлијаш. Се вари оризот во вода додека да омекне, потоа се цеди, па се додава шеќерот и се рендаат јаболката. Сето тоа убаво се промешува. На крајот се додава малку мелен цимет и се посипа со морско оревче во прав.

Comments are closed.