„…Малубројното македонско население е познато по разновидноста на женската мода и по раскошноста на боите…” (извадок од книгата „Луѓе од сите нации” – редактирана од Хамертон)
Македонските народни носии имаат долга и богата традиција во македонското народно уметничко творештво на еден вреден народ кој ги создавал со векови и пренесувал од поколение на поколение. Во декорот на рачно изработените носии вградени се разни културни влијанија во различни временски периоди што се мешале на овој простор. Тој долготраен процес низ историјата, како и сите останати друштвени и географски услови придонеле во создавањето на народните носии богати по својата различност, колоритност, орнаментност, украсеност… Тие со сета своја раскош и убавина претставуваат непроценлива културна вредност и ја презентираат материјалната, но и духовната култура на Македонија.
На територијата на Македонија постојат околу 70 различни видови на богато украсени народни носии. Постојат два главни типови на носии: западно-македонски и источно-македонски. Според етнографските региони, западните се делат на Горниот тек на Вардар, Дебарско-мијачки и Брсјачки, а источните се делат на Средниот тек на Вардар и Шопски регион.