Македонските народни танци имаат важно место во македонскиот фолклор и музичка традиција. Преку своите традиционални народни ора и песни македонскиот народ ги изразува своите чувства, радости и таги. Зависно од стилот, кореографијата и обичаите поврзани со нив, тие можат да се поделат на западни, југозападни, јужни, северни и источни. Исто така, разликуваме обредни и световни игри. Обредни се додолските, коледарските, русалиските и др. Во световните игри спаѓаат оние што се поврзани со животот и работата на народот како што се: борбените, свадбарските, жетварските, љубовните и др.
Македонските ора се бројни и разновидни. Обично се играат за време на празници, венчавки, на сретсело, пред црквите, училиштата и куќите. Музиката за овие ора се изведува на хармоника, тапан, кларинет, виолина, гајда, тамбура, зурла, кавал, тарабука, дајре, како и на други народни и традиционални инструменти.
Ова се некои од попознатите народни ора:
Тешкото – машко оро од западниот дел на Македонија што ја прикажува разделбата на печалбарите со нивните семејства.
Арамиското – машко оро што ја прикажува храброста и јунаштвото на младите во борбата против тиранијата.
Невестинското – женско оро кога невестата го игра својот последен танц во домот на нејзините родители и прв во нејзиниот нов дом, во куќата на зетот.
Копачка – машко оро во кое се изразува истрајноста на луѓето што работат в поле. Имено, по напорната целодневна работа во полето и по доаѓањето дома, луѓето продолжуваат неуморно да играат.
Тресеница – женско оро што го прикажува веењето и нишкањето на нивните носии, односно миразот, на ветрот во пролетните месеци.
Драчевка – мешано, машко-женско брзо и полетно оро, еден вид надигрување помеѓу машките и женските танчери.










