„Народниот вез и народната носија се достоен пандан на највисоките дострели на народната поезија и народната музика. И во нив, во тие прекрасни разнобојни и разновидни облеки, текстилни украси и орнаменти, народот низ вековите ги излеал и ги изразил своите неоматени дарби, копнежи, желби и надежи и оставил долготрајни траги на своето високо уметничко ракотворење, но и умеење“ (Крсте Петков Мисирков)
.
Главни карактеристики на македонските народни носии се везот (со раскошни геометриски и цветни шари), апликациите, плетените шари, бордури, срмата и плетенките, како и накитот, главно изработен од метал, сребро, монистра и плодови од природата.
Со убавината на креацијата, умешноста на комбинацијата на бои и техники, македонските везови и ден денес претставуваат една од најзначајните етнолошки вредности. Техниките и везовите се развивале и негувале на целата територија на Македонија. Особено впечатлив е мијачкиот вез кој во себе спојува повеќе традиционални елементи на старата култура. Во неговиот колорит доминира црвената боја. Црната боја доминира во везовите што потекнуваат од Скопска Црна Гора и Долни Полог. Во колоритот на македонските везови се застапени и други бои како зелената, жолтата или темно сината. Карактеристика на македонските везови се густо извезените површини и специфичните орнаменти и мотиви. Традиционално за изработка на македонските везови се користеле претежно волнени конци и конци обоени со природни средства за боење. Во некои области како Полог и Порече за изработка на везовите се користела срма.













