Етно група “Синтезис”

Етно група "Синтезис"

Македонската музичка етно група „Синтезис“ оформенa e во 1995 година, а самото име го изразува нивниот музички концепт, комбинација на традиционалниот звук со современи аранжмани создавајќи музичка синтеза. Навлегувајќи длабоко во корените на македонското фолклорно наследство и водејќи сметка за зачувување на традиционалните вредности и создавање на современи високоестетски стилизации, оваа група ја освежува и продолжува македонската фолклорна традиција.

Групата во своето музицирање ги користи речиси сите македонски традиционални инструменти (Радослав Шутевски – удирачки инструменти, Ване Јовчев – пијано и клавијатури, Марјан Јовановски – тамбура, Гоце Узунски – тапан и тарабука, и Гоце Димовски – зурла, гајда и кавал), а покрај современите клавијатурни инструменти, сликата ја надополнуваат и трите ангелски гласови на Анета Шуланковска, Билјана Ристовска и Мирјана Јошевска кои пеат во духот на женското групно пеење од старата македонска селска традиција. Групата дури успеа да го вгради традиционалниот фолклор во еден несекојдневен симфониски звук, кога музицираа со Македонската филхармонија.

Во нивната музика не уживаат само Македонците, туку и целиот свет кој не можеше да остане имун на целата таа егзотична, уникатна и несопирлива нео-традиционална, но универзална македонска музика. „Синтезис“ ја обиколи Македонија неколку пати, а настапувале и во Хрватска, Унгарија, Словенија, Австрија, Италија, Германија, Грција, Србија, Црна Гора, Португалија, Шпанија, Белгија, Полска, Франција, Шведска, САД, Јапонија, Австралија… Својот прв албум го објавуваат во 1996 година, а досега имаат објавено уште шест албуми.

Comments are closed.