Симон Трпчески – пијанист

Симон Трпчески - пијанист

Симон Трпчески е македонски класичен пијанист. Тој e еден од најафирмираните македонски изведувачи и веројатно најдобриот македонски пијанист на сите времиња. За неговиот талент сведочат мноштво меѓународни успеси и највисоки критики, како и генералното мислење на музичките критичари ширум светот.

Роден е во 1979 година во Скопје, Република Македонија. Основно и средно музичко образование завршува во МБУЦ „Илија Николовски-Луј“ во Скопје, во класата на проф. Људмила Романова. Во 2002 година дипломира на Факултетот за музичка уметност при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, во класата на проф. Борис Романов. Денес е вонреден професор на својот матичен факултет.

Во Македонија има голем број настапи во повеќе градови, вклучувајќи и настапи на Охридско лето, Скопско лето, Битолско културно лето, како и настапи со Македонската филхармонија и оркестарот на Факултетот за музичка уметност од Скопје.

Во Северна Америка настапувал со филхармониските оркестри на Њујорк, Филаделфија, Лос Анџелес, Сан Франциско, Отава, како и со симфониските оркестри на Колорадо, Балтимор, Сиетл, Торонто, Феникс, Чикаго, Питсбург, Кливленд, Бостон. Во Јужна Америка има настапи со симфониските оркестри во Бразилија и Сао Паоло. Во Азија и Австралија Трпчески настапувал со симфониските оркестри на Сиднеј, Мелбурн, Западна Австралија, Сингапур и Нов Зеланд. Неговите европски настапи ги вклучуваат рециталните изведби на главните сцени во Лондон, Амстердам, Париз, Даблин, Билбао, Милано, Вилнус, Лисабон, Хамбург, Прага, Минхен, Дизелдорф, Хелсинки, Брисел, Тулуз, Белград, Загреб, Љубљана, Будва, Бар, Фиренца…

Трпчески има издадено шест компакт дискови за кои што има добиено блескави оценки. Некои од позначајните награди и признанија кои ги добил Симон Трпчески се: 1998 – Прво место на меѓународниот натпревар „Yamaha Music Foundation of Europe“ во Скопје; 2000 – Второ место на Милениумскиот светски натпревар во пијано ,,Millenium World Piano Competition London“; 2003 – „Young Artist Award“ од Кралското Филхармониско Друштво (Royal Philharmonic Society); 2005 – Диск на месецот (Април) – во Музичкиот магазин на БиБиСи (BBC Music Magazine); 2009 – „Орден за заслуги за Македонија“ што му го додели претседателот на Македонија, Ѓорге Иванов; 2010 – Награда за Извонредни достигнувања од страна на Обединетата Македонска дијаспора; 2011 – Трпчески станува прв носител на титулата Национален уметник на Македонија.

Comments are closed.