Крушевска куќа

Крушевска куќа

 

Крушевската куќа по својата убавина е надалеку позната, па градот поради својата архитектура го нарекуваат и град-музеј. Панорамата на Крушево во форма на лепезаст амфитеатар е многу интересна, а куќите се подредени скалесто по теренот, така да се добива впечаток дека гледате една целина исполнета со безброј прозорци, балкони и кровови. Старите куќи се градени во духот на традицијата кон крајот на 18 век и во текот на 19 век од искусните македонски градители од мијачкиот крај и секоја од нив претставува вистинско уметничко дело.

 

Куќата е од затворен тип со правоаголна или квадратна основа и претставува комбинација на убавото и практичното. Повеќето се состојат од приземје и два ката. Внатрешноста е работена од дрво, што и дава посебна топлина на куќата. Во приземјето се наоѓаат заедничките простории, а горе се собите за дневен престој, спиење и гостинските. Ентериерот го украсуваат насликаните ѕидови и тавани во гостинските одаи и чардаците со уметнички цртежи, портрети од семејството и слично. Фасадите се најубавиот дел од куќите со раскошните балкони, еркери и тимпанони. Балконите имаат декоративни железни огради.

 

Една од најрепрезентативните крушевски куќи е куќата на семејството Талеску која во 1875 година ја изградил крушевскиот архитект Кирју Гогу како своја семејна куќа. Таа се состои од приземје и два ката со две главни фасади, балкон, француски балкон и тимпанон. Во приземјето се економските простории, на првиот кат се просториите за домаќините, а на вториот се гостинските соби. Оваа типична крушевска куќа со естетскиот изглед и функционалноста претставува карактеристичен спој на источните и западните влијанија, истовремено задржувајќи ја својата оригиналност и автентичност.

Comments are closed.