Етно група “Баклава”

Етно група “Баклава”

Македонската музичка етно група „Баклава“ основана е во 2005 година, а во моментов ја сочинуваат членовите Елена Христова (вокал), Дејан Сибиновски (деф), Дејан Теодосиевски (виолончело) и Ѓорѓи Клинчаров (тамбура), но соработува и со други музичари. Со обработки на традиционални македонски фолклорни песни, како и творење авторски песни, тие во изминативе години изградија специфичен, минималистички (вокал, два жичана и удирачки народен инструмент), акустичен звук и амбиентален перформанс како значаен дел од македонската, но и од светската музика, а нивните распродадени концерти се доказ дека оваа група се етаблира на врвот на најдобрите македонски етно изведувачи.

„Од лисјето во хор што нежно шуми
Езгија кожа што ни ежи
Узреваат стихој нови рожби
Утроби со радост што ни полнат…“
(извадок од песната „Псалм“, музика: Е. Христова, текст: В. Мартиновски)

Досега „Баклава“ има издадено три албума. Првиот албум е насловен по групата „Баклава” (2007). Овој албум е концертен, додека вториот албум „Калемар“ (2008) е студиски и претежно авторски. Третиот најнов албум „Me mankas Mucho (Многу ми недостасуваш)“ (2011), е создаден по трагите на сефардската традиционална музика, воедно спојувајќи повеќе музички стилови, култури и јазици, покрај македонскиот и ладино јазик.

По многуте настапи во Македонија и Европа, албуми, музички спотови, документарен филм, етно групата „Баклава“ со неколку свои песни учествува и во играниот филм „Трето полувреме“ на Дарко Митревски.

Comments are closed.