Тодор (Тоше) Проески беше најпопуларниот пејач во Република Македонија и една од најголемите ѕвезди на балканската музичка сцена, каде што е доживуван како заштитен знак на Македонија. Беше човек кој знаеше да покаже љубов, верба, спокој, човечност и пред сè, хуманост.
Тоше Проески е роден на 25 јануари 1981 година во Крушево. Неговите родители Доминика и Никола уште како дете забележале дека поседува музички талент, па така го насочиле неговиот животен пат. Првиот негов јавен настап беше во 1992 година на фестивалот „Златно Славејче“ со песната „Јас и мојот дедо“ испеана на влашки јазик. Музичката кариера ја започнува со настапот на прилепскиот фестивал „Мелфест 1997“, каде што и победува изведувајќи ја песната „Yesterday“ од Битлси (The Beatles). Патот кон ѕвездите му го отвораат песните „Пушти ме“ (1997) и „Остани до крај“ (1998).
Има блиска соработка со Григор Копров, Жељко Јоксимовиќ, Леонтина Вукомановиќ, Марина Туцаковиќ, Бора Ѓорѓевиќ, Миро Буљан, Антонија Шола, Каролина Гочева, Тони Цетински, Ања Рупел, Мирослав Рус, Есма Реџепова, Џеф Бек и голем број на други влијателни балкански и светски музичари и композитори. Се смета дека подемот во неговата кариера започнува по изведбата на песната „Твоите бакнежи на моите бели кошули“ на Скопскиот фестивал во 1999 година. Во меѓувреме Тоше станува дел од продуцентската куќа „Авалон“, каде што останува сè до истекувањето на неговиот договор во април 2002.
Следуваат безброј настапи, фестивали, награди… ги освојуваше топ-листите во Македонија, Србија, БиХ, Хрватска и Словенија, ги полнеше концертните сали и најважно од сè, царуваше во срцата на илјадници обожаватели. Во 2001 година според гласовите на читателите на „Вечер“ е прогласен за ТВ лице на годината. Во 2003 победи на „Беовизија“, а на „Евровизија“ 2004 во Турција, учествуваше со песната „Life“ (англиска верзија на песната „Ангел си ти“) и се пласираше на 14. место. Во 2007 со победата на „Хрватскиот радиски фестивал“ освои „Гран-при“ во категоријата поп-рок и урбана музика. Истата година, концертот што го одржа во Белградска Арена беше спектакуларен. Последниот концерт го одржа во Македонија на 5 октомври 2007 година на Градскиот стадион во Скопје пред повеќе од 40.000 посетители. Концертот беше хуманитарен и наменет за обнова на основните училишта во Македонија.
Тоше во 2003 година ја добива наградата за хуманост „Мајка Тереза“ и станува регионален амбасадор на УНИЦЕФ. Во 2004 повторно е одликуван од УНИЦЕФ со титулата Амбасадор на добрата волја. Негов заштитен знак е познатиот израз „Ве сакам сите“.
Албуми: „Некаде во ноќта“ (1999), „Синот Божји“ (2000), „Ако ме погледнеш во очи“ (2002), „Ако ме погледаш у очи“ (2002), „Ден за нас“ (2004), „Дан за нас“ (2004), ДВД „Тоше Проески – стадион ’04 – Live“ (2004), „По тебе“ (2005), „Пратим те“ (2005), „Божилак“ (aнглиски: Rainbow) (2006), ДВД „Тоше Проески – стадион ’06 – Live“ (2006), ДВД „Тоше Проески – Live Скендерија ’06“ (2006), „Игри без граници“ (2007), „Игра без граница“ (2007), ДВД „Тоше Проески – Live ’07, Београдска Арена“ (2008), „The hardest Thing“ (2009), ДВД „Тоше Проески – стадион ’07 – Live“ (2009), „Тоше и пријателите – Сè уште сонувам дека сме заедно“ (2010), „Со љубов, од Тоше“ (2011).
Хитови: „Чија си“, „Немаш ни благодарам“, „Тајно моја“, „Ако ме погледнеш во очи“, „Соба за тага“, „Life“, „Жао ми је“, „Кој ли ти гризе образи“, „Лагала нас мала“, „По тебе“, „Срце није камен“, „Вежи ме за себе“, „Никој како тебе не бакнува“, „Месечина“, „Волим осмијех твој“, „Боже, чувај ја од зло“, „Игри без граници“, „The Hardest thing“, „Сè уште сонувам дека сме заедно“ и многу други.
Тоше Проески го загуби својот живот на 16 октомври 2007 година во трагичната сообраќајна несреќа на патот Загреб – Липовац кај Нова Градишка во Хрватска. Постхумно е прогласен за заслужен граѓанин на Македонија. Денот на неговиот погреб, 17 октомври, беше прогласен за Ден на национална жалост во Македонија.







