Благој Нацоски – оперски пејач

Благој Нацоски - оперски пејач

Благој Нацоски е македонски оперски пејач и веројатно најдобриот македонски тенор на сите времиња. Роден е на 18 мај 1979 година во Скопје во семејство на музичари. Пеењето започнал да го изучува во родното место, а продолжува во центарот на оперската уметност – Италија, односно во Рим, каде и ден денес живее.

За време на школувањето во Италија, остварува богата концертна дејност низ Македонија и Италија, а исто така добитник е и на многубројни меѓународни награди и признанија. Неговата кариера почнува во 2003 година со настапот на сцената на Римската опера, како прв Македонец кој воопшто настапил во оваа престижна оперска куќа. Од тогаш настапувал низ целиот свет, во Унгарија, Франција, Германија, Белгија, САД, Јапонија, Италија, Австрија, Полска, и во уште многу други држави.

Освен на оперската, Нацовски и се посветува и на камерната и на симфониската музика, а во своите досегашни настапи има пеено со најреномирани светски пејачи. Во 2006 година излезе и неговото прво ДВД со снимка од премиерата на операта од Моцарт „Сонот на Скипион“ изведена на Салцбуршкиот фестивал. Второто ДВД е со операта од Рихард Штраус „Аријадна на Наксос“, а наскоро ќе излезе и третото со Моцартовата опера „Дон Џовани“.

Добитник е на повеќе награди и тоа: 1995 – Прва награда на македонскиот национален натпревар по музика; 1997 – Специјална награда на истиот натпревар; 2000 – Сребрена плакета од „Accademia Filarmonica di Messina“; 2002 – Втора награда на Меѓународниот натпревар по пеење организиран од „Rotary International“, Пескара; 2002 – Трета награда и награда за најмлад финалист на Меѓународниот натпревар за оперски пејачи до 38 години, Алкамо, 2002 – Прва награда на Меѓународниот натпревар на фондацијата „Борис Христов“, Рим; 2003 – Специјална награда на Меѓународниот натпревар „Спирос Аргирис“, Сарѕана; 2003 – Наградата „Пјерлуиџи Дамјани“ како студент на годината, од Синдикатот на уметниците на Италија. Од 2008 година носител е на титулата „Амбасадор на културата на Република Македонија во Република Италија”.

Comments are closed.