Милчо Манчевски – режисер

Милчо Манчевски - режисер

Милчо Манчевски (18 октомври 1959, Скопје) е македонски филмски режисер и сценарист. Студира Историја на уметност и археологија на Филозофскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Како американски стипендист во 1982 година дипломира на Факултетот за филм и фотографија во Карбондеил, Јужен Илиноис. Од 1985 година живее во Њујорк и Скопје. Автор е на над шеесет филмски дела: кусометражни, играни и документарни филмови, видео-спотови, рекламни и долгометражни филмски сценарија. Сценарист и режисер е на долгометражните филмови: „Пред дождот“ (1994), „Прашина“ (2001), „Сенки“ (2007), „Мајки“ (2010) и на преку 50 кусометражни филмови, документарци, реклами, музички спотови и др. Се појавува и како актер во неколку кусометражни филмови, во два македонски играни филма и во една театарска претстава. Тој е атор на „Македонија вечна“, серија од спотови за светската и туристичка промоција на Република Македонија, на книгата „Духот на мајка ми“ како и на голем број куси раскази и есеи.

Манчевски е добитник на повеќе награди и признанија, и тоа: за филмот „Пред дождот“ награда „Златен лав“ за најдобар филм на Фестивалот во Венеција (1994), номинација за Оскар за најдобар филм од странско говорно подрачје (1995), „Сребрен Кондор“ за најдобар филм од странско говорно подрачје во Аргентина (1996); за „1.73“ награда за најдобар експериментален филм; спотот „Тенеси“ прогласен е за најдобар видео запис според американската музичка телевизија и вброен меѓу стоте најдобри видео записи од магазинот „Ролинг Стоун“. Добитник е и на признанијата „11. Октомври“ (1995) и „Мајка Тереза“ за хуманитарна работа, и титулите Амбасадор на културата на Република Македонија (2007) и Национален уметник на Македонија (2012).

Comments are closed.