Малешево (старословенски, мал лес – мала шума или планина) е област во источниот дел на Македонија, со површина од околу 800 км2 и на околу 1000 м. надморска височина и се простира до границата со Бугарија, по горното течение на реката Брегалница, оградена со планините Влаина, Плачковица, Обозна, Голак и Огражден. Регионот опфаќа две општини, градот Берово со селата Смојмирово, Ратево, Русиново, Владимирово, Двориште, Мачево, Будинарци и Митрашинци и градот Пехчево со селата Негрево, Црник, Панчарево, Умлена, Робово и Чифлик.
Има многу причини поради кои мештаните и посетителите Малешевијата ја нарекуваат „мала Швајцарија“. Нејзината раскошна природа е богата со прекрасното Беровско езеро и изворската ладна вода, со чистото зеленило и густите столетни дабови, букови и борови шуми, со пространите ливади и пасишта, разнобојни цвеќиња, лековити растенија и печурки, со многуте бачила и стадата овци, со разновидните птици и дивеч… дарежлива природа што во себе крие благодети на посебен мир и спокој. А како нераскинлива целина на оваа природна убавина е и културно-историското наследство, многубројните цркви и манастири, археолошки локалитети и Музејот на градот Берово со својата етнолошка поставка на малешевска соба, носија, накит, грнчарски производи, музички инструменти.
Овој крај изобилува и со алтернативен туризам. Покрај езерото се хотелскиот комплекс „Манастир“, луксузниот комплекс „Aurora Resort & Spa“ и уште многу други комплекси, домови и приватни викендички за изнајмување, кои покрај прекрасната глетка, на туристите им нудат можност за разни спортски активности (џип сафари, јавање коњи, спортски риболов, педалинки и безмоторни чамци за пловење по езерото, велосипедски патеки), за излети, рекреација, планинарење и прошетки.
Да не ги изоставиме и локалните домашни специјалитети – малешевското овчо сирење, кашкавал и павлака, компирот подготвен во пепел, зелници, баници, леб под вршник, грав во грне, но и квалитетниот домашен мед и разните природни сокови имаат незаборавен вкус.
Ако сте во потрага на еколошки чисто недопрено подрачје со одлична клима, благи сончеви зраци, свеж воздух и здрава природна органска храна, за вас Малешевијата е вистинскиот избор. Невозможно е да и се одолее на оваа рајска убавина што со првиот поглед ќе ја зароби вашата душа.























