„Сите знаат како се игра, ама малкумина умеат да го играат. Затоа што е тешко, мачно, се извива од маката и болот на Македонецот-печалбар, на Македонецот-откорнатик.
Удари на тапан и пискот на зурли. Стамени, горди мажи бавно формираат круг. Ороводецот со црвено шамиче во десната рака дава знак играорците да се фатат за раце. Орото почнува. Со смирено подигнување на десната нога и свиткување на коленото, започнува македонската приказна на непроболот и маката, на пркосот и непокорот…“
Тешкото оро се смета за едно од најубавите и најтешките македонски ора. За него е многу напишано и многу зборувано, бидејќи претставува важно дело на македонскиот музички фолклор. Географски, како и носиите во кои се игра, потекнува од северозападна Македонија (Лазарополе, Галичник), на планината Бистра.
Во основа потекнува од моментите кога печалбарите заминувале на печалба. Го играле машките на крајот од селото, на местото каде се разделувале со најблиските пред да се впуштат на патот кон непознатата исцрпувачка работа во туѓина. Но, со тек на време прераснува во химна, не само на печалбарството туку и на сета тежина и горчина собрана во македонските души низ безбројните векови робување.
Се игра како отворено оро во придружба на зурли и тапан. Првиот дел, со бавно темпо, се изведува со тешки забавени и одмерени чекори, кои во вториот дел се забрзуваат. При играњето, наизменично се сменуваат чекори и скокови.
Орото претставувало инспирација за многу уметници како за поетот Блаже Конески со поемата „Тешкото“ така и за композиторот Тодор Скаловски со хорската композиција „Македонско оро“.












