Коледе

Коледе

 

Бадник или Коледе се нарекува денот пред роденденот на Исус Христос (Божиќ), според христијанската традиција. Зборот Бадник доаѓа од старословенскиот јазик и значи „да бидеш буден“. Според Јулијанскиот календар по кој се раководи Македонската православна црква, Бадник паѓа на 6 јануари секоја година, а Божиќ на 7 јануари. Суштината на празникот е во радоста на христијаните пред големиот ден – Христовото раѓање. Истовремено, со овој ден завршуваат и Божиќните пости.

 

Традиционално, во Македонија семејството се собира на вечера на Бадник. Се подготвува богата трпеза исклучително со посна храна: пити, сарма, грав, компир, зелник, риба, овошје, посни колачиња и друго, што треба да обезбеди богат род на земјоделските култури во следната година. Обичај е по вечерата софрата да не се крева, туку така заедно со храната да остане цела ноќ.

 

* * *

„Бакшиш, бакшиш паричка,
баба меси баничка,
во баничка паричка,
бакшиш, бакшиш паричка!“

* * *

На Бадник домот се украсува со дабови гранки – бадниково гранче. Дабот симболизира долговечност, сила, здравје, издржливост. Се верува дека со внесување на ова дрво во домот, неговите особини ќе се пренесат на луѓето во домот. Во секоја куќа се меси обредно лепче наречено „кравајче“, во кое се става паричка – најчесто сребрена. Вечерта кога сите ќе седнат на вечера, домаќинот, откако ќе се прекрсти и ќе ја благослови трпезата, го крши „кравајчето“ на толку делови колку што има членови семејството, оставајќи уште по еден дел за Господ и за куќата. Кај кого ќе се падне паричката се верува дека ќе има здравје, успех и среќа преку целата година.

 

Богати обичаи и верувања на Бадник се поврзани со обредниот оган како и со горењето на дрвото наречено „Бадник“ или „Бадникојца“. Во врска со обредните коледарски огнови е и обичајот „Коледица“. И денес како и во минатото, и во селата и во градовите во сите краишта на Македонија, помали или поголеми групи деца палат оган и го прескокаат.

 

Рано изутрината на Бадник, децата пеат и одат по куќите каде што добиваат подароци како што се: пари, ореви, костени, јаболка, портокали и слично. Ова се три најпеани коледарски песни:

* * *

“Коледе, леде
паднало греде
утепало деде
деде се мачи
баба го квачи
со четири јајца
гускини, шаткини.
Денес е Коледе,
утре е Божиќ
ќе колеме теле
теле вика леле
не колете мене
ќе ви купам зеље
да месите пита
да јадете сите.
Коледееееееееее…!”

* * *

„Кој што спие нека стане
нека меси колачиња
колачиња за дечиња,
ако нема колачиња
нека даде јаболчиња,
ако нема јаболчиња
нека даде бомбончиња,
ако нема бомбончиња
нека даде паричиња,
ако нема паричиња
нека даде сè што има.
Коледееееееееее…!”

* * *

„Сива сива голубице
каде си се осивила,
таму горе на небото
што правеше дедо Боже
од златни чаши пиеше вино.
Танани, танани
на дедо опинци
на баба налани
на дечиња сандалчиња.
Коледееееееееее…!”

* * *

Comments are closed.