Градот Велес има специфична ридско-карпеста релјефна структура која во 19. и почетокот на 20. век создала уникатна велешка архитектура – квалитет на просторно и декоративно обликување со примена на основните локални градежни материјали, каменот, дрвото и земјата, во изградбата на стрмниот терен и камената подлога на кои во старото градско јадро се подигала велешката традиционална куќа.
Куќите се со испуштени стреи, фреско декорации на венците, специфична опшивка на прозорците и вратите и со триаголно прекршување на покривниот венец. Имаат по два влеза, од долната улица се влегува во приземјето, додека од горната се влегува на катот. Обично се со високо приземје и со еден до два ката. Катот е еркерно и асиметрично исфрлен (на поширока основа од приземјето), со скриени и малтерисани косници. Поради немање многу простор и тесните улици, куќите се граделе во висина, а за да ја фатат светлината, се правеле многу прозорци. Таваните се украсени со розети, ѕидовите се со долапи за чување на облеката, а по подовите имало миндерлаци за седење. Отворениот чардак е обично свртен кон дворот, а просториите за домување кон улицата.
Спомен куќи: Куќата на Касапови позната и како „куќа што лебди“ доминира над стариот дел на Велес и е типичен пример на стара велешка архитектура. Изградена е кон крајот на 19. век, целата е од камен, со чардаци и поглед кон реката Вардар. Куќата на Јордан Хаџи Константинов – Џинот е изградена на левата страна на Вардар. Таа се одликува со архитектура во која доминираат ѕидови од кршен камен, жолта фасада, дрвени столбови и ограда. Чардакот е на три нивоа и со правоаголна форма, надвиснат над улицата. Во куќата на Коста Солев – Рацин приземјето е изградено од камен, на катот доминира фасада со бела боја, а покривот е висок и покриен со керамиди. Двокрилна дрвена порта води во тремот што ги поврзува катот, фурната, чардаците и грнчарската работилница. Чардакот на куќата е споен со фурната, а од него водат скали кон повисокиот чардак. Гостинската соба е поставена на аголот од куќата и еркерно исфрлена над улицата. На првиот кат од куќата на Васил Главинов се наоѓаат две одаи, големата гостинска одаја и чардакот. На вториот кат се наоѓа чардак со неправилна форма. Со своите исфрлени еркери се надвисува над улицата. Прозорците се дрвени со хоризонтални и вертикални пречки, со елементи од барок.
Други познати куќи со стара велешка архитектура се куќите на семејствата Шукареви, Матови, Стојанови, Габерови, Ѓоргови, Апасиеви, Шоптрајанови и комплексот Варналиите, односно трите куќи на Паунови, Прнарови и Тренчови.














