Кратовска куќа

Кратовска куќа

 

Освен кулите и мостовите, градот Кратово го красат и големиот број куќи со типична староградска македонска архитектура. Поради неговата местоположба (овој стар рударски град е сместен во изгаснат вулкански кратер), куќите збиени во тесните улици скалесто се редени една над друга и најчесто се градени од камен и плитар со дрвена конструкција што им овозможува голема еластичнот, а воедно и цврстина.

 

Стреите и таваните на куќите се украсувале со декоративни штички. Чардаците скоро на секоја куќа се посебно обележие. Од самиот чардак зависело и обликувањето на куќата. Во приземјето на куќите биле сместени тремот, економските простории и визбите, а на катот имало кујна, зимска одаја и помала просторија. Доколку имало и втор кат, таму биле гостинските соби. Дрвените скали и врати на куќите, еднокрилни или двокрилни, се еден од најубавите и најобработени детали.

 

Во минатото речиси во секоја кратовска куќа се градел амам, односно бања за капење. И внатрешноста на куќата била богато украсена. Како посебна просторија, таа имала огниште кое служело за загревање на просториите и за готвење храна. Миндерите за одмор се наоѓале во гостинските соби и на чардакот. Убавината на кратовската куќа е често опшувана од познати патеписци.

 

Познати стари кратовски куќи се куќата Сарај, Шанчевата куќа или куќата на семејството Ѓурѓинчеви која од нејзиниот денешен сопственик Стевче Доневски е обновена како прва етно куќа во Осоговскиот регион, потоа куќите на Јосиф Даскалов, на Ефрем Каранов, на Граматиковци, Гичевци, Спаиковата куќа, Пазаванската, Манасовата и други.

 

Comments are closed.