Архитектурата е една од главните обележја на Галичник која била одраз на културниот и економскиот живот на населението. Мијачкиот предел има свој специфичен стил на планинска куќа приспособена според теренот, климата, економиката, градежните материјали и слично. Стрмниот и амфитеатрален терен е искористен за изградба на камени куќи врз изохипсите на теренот. Куќите имаат форма на кубус со благ пирамидален кров. Безбедноста и функционалноста биле главни фактори во изградбата.
Куќите се најчесто градени на три ката. Првиот кат е трем – штала за добиток и темни визби, скоро вкопани во карпата врз која е изградена куќата. Подот на тремот најчесто бил послан со набиена земја или со калдрма покриена со слама или сено за лежење на добитокот, а визбите биле користени за чување на прехрамбени производи, канти со сирење, буриња со вино, каци со зелка, туршија и друго. Вториот кат е главниот станбен простор. Тука е лоцирана просторија со огниште каде се подготвува храна. Во постарите куќи, таа го заземала скоро целиот простор, додека во поновите, постојат повеќе одаи. Третиот кат е резервиран за спиење. Некои куќи имаат и т.н. шарена одаја, која служела за прием на гости и чардак. Спратовите најчесто имаат централно поставени ходници – „гизентии“. Некои од куќите имаат и „параклис“ – мала просторија со икони која служела за молење, што всушност претставува еден вид на домашна капела.
Прозорците на галичките куќи биле историски релативно рано застаклени. Тиe имаат различна големина. Колку се пониски, толку се помали. Ниските прозорци се заштитени со железни решетки. Куќите имаат по две до три влезни врати коишто се обрабени со делкани камења, кои им даваат уникатна привлечност. Ентериерот на галичките куќи е богат со дрвен мебел. Првобитните куќи биле сламеници, кои биле градени од кршен камен и дрво и покривани со слама. Куќите кои денес можат да се видат во Галичник се главно градени кон крајот на 19. век и на почетокот на 20. век од рацете на врвните градители од реканско – дебарскиот крај. Познати се галичките куќи на семејствата Муратоски, Филипоски, Ѓиноски, Раваноски, Мелоски, Томоски и други.















