Македонскиот академски сликар и скулптор Стојанче Андонов – Дито е роден во Кратово на 8 мај 1980 година. Основно и средно училиште завршува во родниот град Кратово, а ликовна академија завршува на Факултетот за ликовни уметности при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, во класата на реномираниот и познат професор Рубенс Корубин.
Непосредно по дипломирањето ја поставува својата прва самостојна изложба во Домот на културата „Лазар Софијанов“ во Кратово. Во 2010 година и во почетокот на 2011 година има поставено три самостојни интернационални изложби во Словенија. Учесник е на повеќе македонски и интернационални ликовни колонии. Живеел, работел и изложувал во Норвешка и Холандија. Моментално живее и работи во Македонија.
Познати македонски ликовни критичари и културни работници за неговите дела забележаа:
Проф. Тодор Максимовски – Максим, редовен професор по ликовна уметност на Педагошкиот факултет во Штип, Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје: „За време на мојот живот и наставничка кариера немам забележано поталентиран уметник.“
Проф. Рубенс Корубин, редовен професор при факултетот за ликовни уметности на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје: „Стојанче Андонов – Дито и припаѓа на најмладата наша генерација на млади уметници, свој, стрплив во она што сака да го направи и искрен во она што ни го соопштува. Неговите слики се работени во силен реализам што произлегува од денешнава динамика на живеење. Неговиот илузионизам е посебен запис на предметите што биле дел од нашето секојдневие обликувани со генерации и препознатливи во својата основна употребливост. Како контраст на сцената се вметнати деликатно дизајнирани додатоци.“
Д-р Душко Алексовски, претседател на светската Академија за карпеста уметност: „Фактот дека уметничкото дело на младиот академски сликар Стојанче Андонов – Дито во неговиот роден град Кратово предизвика облагородување на духот на луѓето, зборува за свестраниот уметнички талент кај младиот уметник. Иако главната инспирација ја гледа во мртвата природа која маестарално ја овековечува, сепак се чувствува неговата втора развојна фаза, односно внесување универзална идејност во следната фаза на неговото творештво. Чувствувам дека нема да чекаме долго кога овој млад талентиран уметник ќе ја достигне славата на светски признатите творци од типот на Веласкес, Шарден, Караваџо.“









